Дезертер – чесна судбина или предавство

Од:

Додека во обединета Германија во 90-тите години се изградија десетици споменици за дезертерите, Австрија неодамна го доби својот прв, на истакнато место во Виена, меѓу седиштето на владата и претседателската палата. Друг се планира во Брегенц идното лето.

Со тој симболичен чин, во Австија конечно, речиси по 70 години од Втората светска војна, ставена е точка на дилемата која дезертерите во Вермахт ја поставија пред општеството – ако една заедница во историска смисла полуди, какви морални средства стојат на располагање на поединецот кој го гледа тоа?

Иако сите нацистички организации, од нивото на НСДАП партијата, преку нацистичките воени формации до државните структури од Третиот рајх уште од нирнбершкото судење се прогласени за злосторнички организации, погледот на Вермахт и во австриското и во германското општество остана вредносно амбивалентен и може да се каже посрамено апологетски.

Причина за таквото фиксирање на Вермахт во сивата морална зона не е тешко да се види. Прво, нацистичките злосторства според обемот, методите и ефикасноста надминува се што човештвото до тогаш го доживеало и преживеало. Второ, тоа создало неиздржлива етичка стигма, кои тие општества во посттрауматскиот рефлекс се обидувале да ги ублажат со претставата за тоа дека постоела барем една над идеолошка и традиционална општествена институција Wehrmacht, национална одбрана (Wehr = одбрана, застарен термин).

Така и можеше да се случи, австрискиот парламент пред пет години да усвои закон со кој во правна смисла се поништуваат сите судски пресуди од Третиот рајх донесени против воените бегалци, дезертери и сите тие кои на кој  било начин и под кое било оправдување се спротивставиле на воената мобилизација.

И законот од пред пет години и споменикот откриен во Виена, само се акт на симболичко исправање на старите неправди, реставрација на честа и перење на имињата, бидејќи повеќето осудени се одамна мртви.

Врз основа на пресудите на нацистичките судови, во Третиот Рајх биле убиени 30.000 такви лица: 28.000 во Германија, 2.000 во Австрија.

Прозивка: Непознатиот ИКС отсутен

Виенската црвено-зелена влада, која во блиска соработка со националното здружение Правда за жртвите на нацистичките воени судови, (нобеловката Елфрида Јелинек е член), подигнува споменик на дезертерите, се одлучи за споменик на едноставна тростепена 10 по 9 метри голема во форма на Икс, излиена во темно-син бетон. Автор е германскиот вајар и професор на минхенската уметничка академија Олаф Николаи роден во 1962 година, за кој виенскиот весник Стандард не пропушта да забележи дека е социјализиран во ДДР, што веројатно треба да значи дека поседува поголем културно импрегниран сензибилитет, кога се работи за визуелизација на отпорот на нацистичкиот режим.

Уметничкото решение за споменикот може да се гледа како пресечен или осуетен антички грчки храм: тука е тростепена структура на фундаментот т.е. крепис, но фалат столбовите кои треба да се издигаат од неа.

Улогата на столб на таа класицистичка подлога е препуштена на посетителот кој мора да се качи на креписот за да ги прочита на него исклесаните зборови All Alone – Сите, Сам, со што ја презема улогата на непознат Икс, т.е. и самиот станува фигура во споменичкиот концепт на Сите ние сме дезертери.

Натписот на англиски кој треба да ја тематизира тензијата меѓу општеството All и поединецот Alone, позајмен е од британскиот уметник Јан Хамилтон Финлеј (1925-2006), автор на т.н. конкритна поезија (concrete = бетон).

Концептуалната рамка на проектот е проширена со изборот на локацијата: на плоштадот Балхаус, меѓу двете палати во која од една страна резидира австрискиот канцелар, а од другата страна австрискиот претседател, додека во позадина се шири Хофбург со империјална традициј и преку седиштето на Европската организација за безбедност и соработка, со модерни докази за австрискиот дипломатски успех.

Попроминентно место во контекст на австриските национални симболи и топоси на државната моќ, споменикот на дезертерите не можеше да добие и тоа е аргумент кој австриските медиуми го наведуваат како предност во однос на Германија. Таму има многу повеќе споменици, но нивната важност се губи на локациите без симболична сила.

Дезертерот Alone на камион

Освен неколку по амбиции скромни примероци, Германија повеќето свои споменици на дезертери од Втората светска војна ги подигна во годините непосредно пред или по обединувањето во Потсдам во 1990 година, Ерфурт во 1995, Бернау кај Берлин во 1998 година, Келн во 2009 година.

Зошто едно австриско општество кое се бори за враќање на граѓанската чест на одамна стреланите дезертери, води сметка за германските споменици од таа категорија?

Главно поради тоа што таа листа од 30 германски споменици била користена како притисок на австриските институции, конечно да направат прв симболичен чекор во исправањето на старите неправди.

Но, ни во Германија не одело секогаш лесно, што најдобро го докажува случајот од Потсдам. Тој споменик прво бил планиран за Бон, каде требало да биде поставен уште во 1989 година, но се побунил тогашниот градоначалник Ханс Даниелс од ЦДУ, под образложение дека е непримерно предавниците на било кој начин да се позлатуваат.

Со соломонско решение, споменикот тогаш бил изложен на еден час на платформа на камион, а потоа се селел од магацин во магацин, за од септември 1990 година да најде постојано место на историскиот Плоштад на обединувањето во Потсдам.

Сеедно дали се работи за случаи на артикулиран отпор на спомен-одбележјата за дезертерите (Даниелс), или неартикулираното австриско молчење од речиси 70 години, јасно е дека како современици, тука само доаѓаме до тема позајмена од претходните генерации: темата за наводните предавници.

Сите европски култури ја познаваат изреката, која некогаш се припишува на Езоп во шестиот и на Цезар во првиот век пне., некогаш паушално се цитира како библиска – дека предавството може да се сака, но предавникот не.

На тој начин можат да се разберат мотивите на тие Австријци и Германци кои во Вермахт се обидуваат да ја видат над идеолошката формација; таа станува над идеолошка само во смисла ако се подвлече под библиски или уште постар дискурс со кој една заедница удира печат на предавничкото во поединецот.

Работата дополнително се комплицира кога заедницата по ова прашање дефинитивно е на крив пат, но сеедно инсистира на лојалност на своите членови, користејќи ги притоа етичките принципи на добрата како притисок и уцена.

Конкретно за австриското молчење: Никој релевантен во изминатите децении не зборуваше дека дезертерите од Третиот Рајх треба да се препуштат на нивната судбина на посрамотени, но никој ништо спротивно и не презема.

Нивниот статус на предавник во повоениот период не бил ни официјален став на властите, ниту став на судството, ни прашање на законодавноста, ни јасно изговорен општествен консензус, но сеедно делувал како чувство и атмосфера на предавство, пред поширокиот општествен хоризонт.

Генерално гледано, дезертерите, бегалците и предавниците се спротивставуваат на една многу посилна кохезиона сила, отколку што се и религијата и политиката и идеологијата: на идентитетот на општествената заедница, без оглед на тоа како таа е историски дефинирана.

Категоријата дезертер се пресметувала со повоениот општествен консензус дека – во Третиот рајх немало алтернативи, дека кон тоа и добрите луѓе со сила морале да станат дел од злосторствата, а ако не се, уште полошо за нив – смета виенскиот социолог Рајнхолд Кнол.

 

РТС – Белград

Би можело да ве интересира

Порака од Германија: Сакаме да ја видиме Северна Македонија во ЕУ, сега е важно да се продолжи со уставните измени

Во Диселдорф експлодираше киоск, загинаа три лица, 16 се повредени

Горан Наумовски

Во Германија: Маж сексуално злоставувал девојче во двор на училиште

Германските тајни служби ќе можат да ја следат АфД за екстремистички активности

Горан Наумовски

Мистериозна смрт на девојче во Германија

По неколку напади врз левичарски политичари во Германија и претставниците на АфД беа нападнати

Горан Наумовски