Германските власти и дале рок од недела на 20-месечната Едона да ја напушти земјата затоа што нема докази дека таа во родната земја на нејзините родители Албанија би била во опасност.
Малата Едона е родена во Германија 11 дена откако нејзините родители Едуарт и Франга пристигнале во Германија заедно со нејзиниот брат Едјон барајќи азил. За разлика од Едона која што според германските медиуми мора да си замине врз основа на одлука на релевантите власти нејзиното семејство сеуште очекува одговор на барањето за добивање бегалски статус.
Минатата недела родителите на Едона добило писмо од „Канцеларијата за миграции и бегалци“ во кое се вели дека таа мора да замине за една недела или во спротива ќе биде протерана, пренесува весникот „Дер Вестен“.
Причината зошто само Едона а не и другите членови на семејството мора да си замине лежи во фактот што таа никогаш не била во Албанија и не може да докаже дека таму ќе се соочи со прогон и опасност по живот.
Според писмото кое што од германските власти го добило семејството на Едона „не постои коннкретна опасност од прогон кај барателот на азил затоа што тој е роден во Германија и досега никогаш не бил во Албанија“.
Семејството на Едона во Германија бара азил по основ на страв од крвна одмазда од соседите во Албанија која од минатата година е ставена на листата на безбедни земји чии граѓани генерално не можат да се надеваат на азил во земјата.
Родителите на Едона сега се вработени а поранешниот градоначалник на градот каде што тие сега живеат тврди дека тие се целосно интегрирани во општеството. Канцеларијата за миграции и бегалци сеуште не одговорила на барањата за изјава на германските медиуми.