Десет алпинисти исчезнаа во лавина што се случи на еден од највисоките врвови во светот, Брод Пик, вклучувајќи го и светски познатиот алпинист Нирмал Пурџа, кој ја водеше групата.
Лавината на една од 12-те највисоки планини во светот (висока 8.051 метри) се случи во четврток, а сите обиди за контактирање со исчезнатите досега беа неуспешни, објавува Гардијан.
Групата вклучуваше алпинисти од Непал, САД, Пакистан, Оман и Кина.
Големата лавина се случи околу 9:20 часот наутро по локално време, но алармот не беше активиран до 13 часот, а Планинарскиот клуб на Пакистан вели дека дознале за лавината дури во 22 часот, што резултираше со губење на цел ден, објавува Explorers Web.
На планината имало четири екипи, а според првичните извештаи од трагачите, алпинистите го напуштиле искачувањето околу 9:30 часот наутро по пакистанско време, а потоа паднале неколку стотици метри.
Се очекува два хеликоптери со спасувачи и кислород да полетаат кон Брод Пик денес.
Според „Имеџин Непал“, алпинистите на Брод Пик стигнале до Камп 2 во среда, а планот бил да одат до Камп 3 во четврток, а потоа, по кратка пауза, да продолжат до врвот во петок, но ги погодила лавина, најверојатно на патот помеѓу двата табора.
Пурџа, кој предводеше еден од тимовите и е поранешен член на британските специјални сили, влезе во историјата во 2019 година искачувајќи ги сите 14 врвови во светот повисоки од 8.000 метри за нешто повеќе од шест месеци, потсетува „Гардијан“.
Тој е познат и по појавувањето во документарецот на Нетфликс од 2021 година, кој го хронизираше неговиот обид да ги освои 14-те највисоки планини во светот за помалку од една година, во кој рече дека решил да користи дополнителен кислород за своите искачувања, оправдувајќи го својот избор со огромниот предизвик што си го поставил.
Тој се приклучил на Британската армија во 2003 година, а станал Кралски маринец во 2009 година.
