За координација на заедничките напори за историскиот центар на Одеса да стане споменик на светското културно наследство заштитен од УНЕСКО, разговарал министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас со градоначалникот на Одеса Генадиј Турканов, јави дописничката на МИА од Атина.
Шефот на грчката дипломатија денеска е во посета на Одеса, што претходно не беше најавена, а во изјава за медиумите по средбата со градоначалникот, Дендиас истакна дека конкретните напори за создавање „културен штит што ќе го заштити историскиот центар од последиците на војната“ ќе ги поддржи Грција.
– Решивме, со помош на Министерството за култура, кое ќе ни обезбеди двајца експерти и со искуството што веќе го имаме од успешниот обид Крф да стане споменик на светското културно наследство, да помогнеме и Одеса набргу да стигне на ниво на вклучување во листата на споменици на светското културно наследство, рече Дендиас.
Тој објасни дека градот е поврзан со Грција, пред сè затоа што таму почна грчката револуција, но и зградата на Операта е изградена во времето кога градоначалник беше Гркот, Григорис Мараслис.
Дополнително, Дендиас се сретнал и со членови на грчката дијаспора, како и со Грци кои откако побегнале од Мариупол, а сега се во Одеса.
Извор: МИА