Демократската партија на борбата победи на изборите во Индонезија

Од:

Главната опозициска партија Демократската партија на борбата (ПДИ-П) победи на парламентарните избори што се одржаа минатиот месец во Индонезија, покажуваат официјалните резултати објавени денеска.

Сепак, за да номинира свој кандидат за претседател на земјата , партијата ќе мора да побара поддршка и од друга партија, затоа што освои 18,9 отсто од гласовите, а за самостојна номинација на нејзиниот кандидат за претседател, популарниот гувернер на Џакарта, Џоко Видодо, и се потребни 25 отсто од гласовите.

Видодо има 52 години, релативно е нов во политиката, а пред да влезе во неа беше сопственик на компанија за мебел. Тој е познат по неговиот неконвенционален пристап, особено по тоа што често во кошула и фармерки ги посетува сиромашните населби во Џакарта, што му донесе голема популарност.

Неуспехот на ПДИ-П да оствари поголема победа предизвика загриженост на финансискиот пазар во  Југоисточна Азија дека сега во економски најсиланата земја во регионот ќе почне период на политичко „пазарење“. Индонезиските акции и националната валута рупија од изборите досега почнаа да губат од вредноста.

Заменик шефот на малата Национална демократска партија (НасДем), која на изборите освои 6,7 отсто од гласовите,Фери Балдан, потврди дека неговата партија ќе влезе во коалиција со ПДИ –П затоа што ја поддржува партијата и Видодо. Тоа овозможува номинација за претседател на Видодо, но потребна е поширока коалиција за тој да помине во индонезискиот Парламент.

Второ место со 14,8 отсто од гласовите освои партијата Голкар, некогашна главна поддршка на поранешниот долгогодишен претседател Сухарто.  Третото место со 11,8 отсто од гласовите го освои партијата Гериндра на поранешниот генерален Субианто, кој се смета за главен ривал на Видодо за претседателската функција.

Право на глас на овие избори имаа 186 милиони гласачи. Се гласаше за околу 230.000 кандидати, кои конкурираа за дваесетина илјади места во националното и регионалните собранија.  Аналитичарите укажуваат дека секој кој ќе стане претседател на Индонезија, ќе се соочи со големи предизвици, со оглед на тоа што економски раст на земјата забави, се зголемува верската нетолеранција, а корупцијата веќе е ендемична.

Би можело да ве интересира

Вулкан еруптираше пет пати за 24 часа: Се прават итни подготовки за евакуација на 10.000 луѓе

ВИДЕО: Еруптираше вулкан во Индонезија, стотици евакуирани

Катерина Ѓуровски

Двајцата пилоти заспале за време на лет во Индонезија, во авионот имало 153 патници

ВИДЕО: Колапс во Индонезија, евакуирани 70 илјади луѓе

Катерина Ѓуровски

Индонезија: Во судир на возови најмалку три лица загинаа, 28 се повредени

Индонезија: Еруптираше вулканот Марапи, автомобилите и патиштата прекриени со пепел

Горан Наумовски