Ден пред почетокот на преговорите за излегувањето на Велика Британија од Европската унија, британскиот министер за Брегзит Дејвид Дејвис ги отфрли сите шпекулации дека земјата може всушност да не ја напушти Унијата, јави ДПА.
– Не треба да има никакво сомневање. Ја напуштаме Унијата и ги исполнуваме историските резултати од референдумот, изјави Дејвис при заминувањето за Брисел по повод почетокот на официјалните разговори за Брегзит.
– Сега започнува напорната работа, разговорите ќе бидат тешки во однос на некои теми, но ќе пристапиме конструктивно, истакна британскиот министер за Брегзит.
Францускиот претседател Емануел Макрон минатата недела изјави дека „вратите на ЕУ очигледно се уште се отворени“, доколку Велика Британија ја промени одлуката за напуштање на Унијата.
Меј и Дејвис истакнаа дека приоритетите и распоредот на британската Влада за излез на земјата од ЕУ не се променети по изборите.
Европската унија и британската Влада утре ги почнуваат преговорите за излегување на Велика Британија од Европската унија, а според дипломатски извори, во текот на првата рунда од преговорите фокусот ќе биде на прашања поврзани за правата на граѓаните, финансиски договоери, Северна Ирска и друго.
Британскиот секретаријат за Брегзит соопшти претходно дека се очекува двете фази од преговорите да бидат усогласени, а дека најмногу ќе се разговара за прашања поврзани со самото излегување на Британија од ЕУ и нејзините финансиски обврски.
Дејвид Дејвис, британскиот министер за излегување од ЕУ и Мишел Барние, главен преговарач на Европската комисија се договорија за покренување на преговорите за Членот 50 од Лисабонската спогодба на ЕУ на 19 јуни, соопшти минатата недела британската Влада.
Во меѓувреме британската Влада соопшти дека Парламентот ќе одржи ретка двегодишна законодавна сесија, посветена повторно на сложени прашања околу излегувањето на Велика Британија од ЕУ.
Преговорите за Брегзит се очекува да бидат усложнети од неочекуваната загуба на парламетарното мнозинство на премиерот Тереза Меј на изборите минатата недела.
Парламентарната сесија вообичаено трае една година, при што почнува и завршува во текот на пролетта. Сега Владата двојно го зголемува нејзиното траење за да им даде можност на пратениците да дискутираат без прекин за излезот на земјата од ЕУ.
Велика Британија официјално соопшти дека ја напушта ЕУ кон крајот на март, што значи дека процесот треба за заврши во март 2019 година.
– Брегзит ќе бара обемно законодавство, посочи лидерот на Долниот дом на Парламентот, Андреа Ледсом.
Плановите на Владата за активностите на Парламентот ќе бидат изнесени во говорот на кралицата Елизабета в среда.