Британски „Дејли Телеграф“ продолжува со написи за бранот албански мигранти кој не стивнува.
Временските услови се подобруваат а со тоа се очекува зголемување на бројот на албански имигранти кои со гумени чамци го минуваат Ла Манш, бидејќи шверцерите го гарантираат минувањето „100 илјади проценти во добри услови“, пишува Дејли Телеграф.
Во написот се наведува дека огласите биле објавени на TikTok во вторникот вечерта, нудејќи безбедно патување, бидејќи се очекува морето да биде мирно по една недела на бури и дожд што ги спречи повеќето премини.
Во една од рекламите со задинска фотографија на Албанци во мали чамци стои дека патувањето ќе биде лесно. „Патување до Велика Британија со гумен чамец. Поаѓање на патувањето од Кале. Пристигнување во Довер. Супер безбедно. 100.000 проценти гаранција. Заминувањето е на 11 овој месец, пренесува Дејли Телеграф објава на социјалната мрежа „Тикток“.
Според Топ чанел, кој ја пренесува веста, британските министри се повеќе се загрижени дека до крајот на годината во Велика Британија би можеле да стигнат уште најмалку 10 илјади албански имигранти.
Исто така, постојат стравувања дека секое зголемување на бројот на илегални имигранти ќе изврши притисок врз центарот за азил во Кент.
Како што претходно објави „Дејли Телеграф“, повикувајќи се на официјална полициска статистика, во изминатите месеци од годинава, пристигнале над 10 илјади Албанци, од вкупно 40 илјади имигранти кои досега го поминале каналот, при што секој петти албански имигрант кој пристигнал во Велика Британија бара азил како малолетник.
Извор: МИА