Белгиските кандидати за џихад, според големината на населението, се најмногубројни во Европа, соопшти европскиот координатор за борба со тероризмот Жил де Керкоф.
Според него, локалните мрежи за врбување џихадисти ги користат врските создадени од привидно самораспуштената група „Шериат за Белгија“.
Експертот смета дека Ал Каеда е во отворено ривалство со Исламска држава и бара начини да изведе напади низ Европа за да го докаже своето постоење.
-По атентатите во Париз од минатата недела заканата не е поголема, но се усложнува, коментира тој.
Де Керкоф информира дека во Европа има околу 4.000 џихадисти , а во последните месеци во Франција и Велика Британија биле спречени неколку атентати.
Според него, голема грешка ќе биде доколку се затвори секој од стотиците Белгијци, кои се вратиле од фронтовите во Сирија или Ирак. Тој препорачува од слобода да се лишат само оние за кои има докази дека убивале или учествувале во терористички активности, а останатите да бидат ставени под набљудување од контраразузнавањето, доколку за нив има вакви сомненија.
За џихадистите, за кои нема податоци и директни сомненија за извршување злосторства, Де Керков препорача да добијат психолошка и социјална помош.
Белгиските медиуми денеска информираат дека во земјата веќе има
филијала на движењето ПЕГИДА (Патриотски Европејци против исламизација на Западот), што беше формирано во соседна Германија
.
Фламанската филијала на организацијата за 24 јануари во Антверпен закажа протест. Оваа локална филијала на движењето на Фејсбук стави 13 барања, меѓу кои се намалување на прифатот на мигранти од воените зони „до враќањето на мирот во нив“, како и обезбедување на повеќе средства за полицијата, царината и граничарите за поддршка на безбедноста.