Данска ќе испраќа затвореници во Косово

Од:

Косовскиот парламент вчера го одобри предлог-законот за издавање на дел од затворскиот простор на Данска. Одлуката доаѓа откако беше постигнат договор за обезбедување помош на скандинавската земја, која се соочува со пренатрупан затворски систем.

Според договорот потпишан пред две години, данските власти ќе испраќаат странци осудени во Данска на отслужување на казната во Косово. Договорот не се однесува на данските граѓани, затворениците осудени за тероризам или воени злосторства и ментално болни затвореници.

Косовските пратеници го поддржаа законот со 86 гласа, додека седум пратеници беа против, пишува Асошиејтед прес. Законот вели дека Данска ќе добие 300 ќелии во затворот во градот Гњиланe, јужно од Приштина, за 10 години користење. Законот допрва треба да го потпише претседателот на Косово.

Сè уште не е јасно кога Данска, која се согласи да му плати на Косово 210 милиони евра за користење на затворскиот простор, ќе почне да испраќа осуденици на Косово. Договорот предвидува осудените лица испратени на Косово да ја отслужуваат казната под исти услови како и во затворот во Данска, во согласност со меѓународните обврски на Данска.

Договорот предвидува и можност за депортирање на странци директно во нивните матични земји по завршувањето на нивната казна во Косово. Косовските власти најавија дека парите од Данска ќе ги потрошат за подобрување на затворските институции.

Данскиот министер за правда Питер Хумелгард резултатите од вчерашното гласање ги нарече „навистина добри вести“. Тој верува дека испраќањето осуденици на Косово „ќе помогне да се врати во рамнотежа тешко притиснатиот дански затворски систем“.

„Истовремено, тоа испраќа јасен сигнал до странските криминалци дека нивната иднина не е во Данска и затоа тие не треба да ја отслужуваат казната ниту овде“, истакна Хумелгард.

Дански управник ќе управува со објектот во Косово, потпомогнат од локалниот затворски персонал. Инаку, косовскиот затворски систем има капацитет да смести до 2.800 затвореници.

Би можело да ве интересира

Невина жена помина 43 години во затвор: Сандра Хем е најдолго неправедно затворена жена во Америка

Ослободена е невината жена која поминала 43 години во затвор во САД

Горан Наумовски

Ликвидирани се киднаперите од истражниот затвор во Ростов на Дон

Пијаниот маж кој ја нападна данска премиерка заврши во притвор

Во кумановскиот затвор се самоуби убиецот на Танкица Маладеновска од Кочани

Во нападот данската премиерка здоби полесна повреда на вратот