Прелиминарната истрага за оштетувањето на двата гасоводи „Северен поток“ во данскиот дел на Балтичкото Море покажала дека истекувањето било предизвикано од „силни експлозии“, се вели во соопштението на полицијата во Копенхаген.
Понатамошната истрага за експлозиите од 26 септември во данската ексклузивна економска зона полицијата ќе ја спроведе заедно со Данската служба за безбедност и разузнавање.
„Се уште е рано да се зборува за рамката во која ќе се одвива меѓународната соработка со, на пример, Шведска и Германија бидејќи тоа зависи од неколку актери“, велат од полицијата во Копенхаген.
Гасоводите беа оштетени на крајот на септември, во експлозии на четири места, две во шведските и две во данските територијални води. Се смета дека станува збор за саботажа и е отворена истрага. Инцидентот се случи во време на високи тензии меѓу Европа и Русија поради војната во Украина.
Данските власти претходно овој месец објавија дека гас повеќе не истекува од гасоводот во нивната економска зона.
Русија ги отфрла обвинувањата дека е одговорна за оштетувањето на гасоводот и бара да биде вклучена во истрагата.
Извор: МИА