По дваесет години поминати во Европскиот парламент, Даниел Конхн-Бендит – лидерот на европските зелени и поранешниот лидер на студентските протести во мај 1968 во Франција се прости од пратеничката функција со говор посветен за ситуацијата во Украина, испратен со долги аплаузи на другите европратеници, јавува дописникот на МИА од Стразбур.
Даниел Кохн-Бендит заминува во политичка пензија на 69 години, откако помина пет мандати како европратеник, за конечно да „има малку повеќе време“ и да му се посвети на неговата втора страст „фудбалот“.
Во прошталниот говор, „Дани“ како што го викаат сите во Стразбур и Брисел, остави тестамент за една „федерална Европа“ со повик „за борба против евроскептичните идеологии од левицата и десницата“.
„Ќе му недостигаш на ова собрание“ – му одговри Жозеп Дол, лидерот на народните партии во ЕП, кој исто така се простува од Стразбур.
Многумина во прес-центарот на Европскиот парламент жалат за заминувањето на Даниел Кохн-Бендит, еден од ретките политичари во ЕП кој беше испраќан со аплаузи од акредитираните новинари по неговите говори и обраќања на пленарната сесија.
Тој ќе остане незаменлив, бидејќи кој од сегашните или другите идни европратеници ќе се осмели да му рече на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, како Дани во 2012 кога дојде во Стразбур да ги брани уставните промени на Унгарија. „Европската Унија не е черга врз која си ги бришеме нозете“. Кој друг ќе се осмели да му рече на францускиот претседател, како во 2013 година: „Франсоа, јас те разбрав, промените се сега, тогаш да одиме веднаш, право, ајде, одиме“, пред да го искритикува за барањето да се намалат националните придонеси во европскиот буџет.
Одличен оратор, на кого не му треба микрофон, кој често му беше исклучуван од претседателот на парламентот кога го надминуваше дозволеното време, но неговиот глас допираше до прес-центарот благодарејќи на микрофонот на претседателот. Даниел Кохн-Бендит не поштеди никого во ЕП, пред четири години тој обвини за „коалиција на хипокрити“ кога му се гласаше довербата за втор мандат на Жозе Мануел Баросо. Неговиот говор предизвика жолчни реплики со сегашниот претседател на ЕП, Мартин Шулц и сега кандидат за претседател на комисијата на социјалистите.
„Мартин, затвори ја устата“ – му одговори на Шулц, додека тој правеше забелешки на говорот на Дани.
Бендит беше „лошата совест“ на Европскиот парламент.
„Вие сите сте против повеќегодишниот буџет, вие сите велите дека е лош. Но сите вие ќе го изгласате. Вие сте смешни“ – обвини во ноември. „Се дуеме, се дуеме, потоа доволна е една игличка и плуф, ќе се отдишеме“ – им дофрли на европратениците незадоволен поради дадената согласност за буџетот на штедење на ЕУ наметнат од државите членки.
Некои еврокомесари испратија млаки аплаузи на последниот говор на Бендит, сигурно зборовите кои им ги испраќаше во последните неколку години лидерот на зелените, се уште ги болат.
Даниел Кохн-Бендит знаеше во неговите настапи да се покаже суров и жесток. Пред да замине, од говорницата во Стразбур, тој уште еднаш покажа со прст на договорот постигнат меѓу тројцата претседатели на трите главни политички семејства во ЕП за назначувањето на идниот претседател на Европската комисија.
„Играта е завршена. Потребно е да им се каже на граѓаните. Ќе има една голема коалиција и едно малечко кученце ќе го следи движењето: Ги Верхофштад.“
„Ако имаме пријател како него, немаме потреба од непријател“ – одговори од своја страна поранешниот белгиски премиер и шеф на либералите.
Даниел Кохн-Бендит често остана и разочаран од однесувањето на европратениците, кои според него мнозинството од нив не можат да се одлучат меѓу националниот и заедничкиот интерес.
Даниел Кохн-Бендит ќе остане запаметен и во нашата јавност по неговиот став за користењето на името Македонија, како во пролетта 2008 на пленарната сесија на ЕП на забелешките на грчките европратеници остро реагираше:
– Тоа е проблем што трае со години, потребно е да се пресече ова прашање. Македонија е Македонија и ќе биде Македонија. Грција ќе го прифати тоа.
Во мај 2008-та кога разговаравме со Даниел Кохн-Бендит токму по прашањето со името, тој ни го потврди она што го рече на пленарната сесија.
„Сметам дека ова е смешно прашање. Грција е Грција и Македонија е Македонија. Сега ни велат дека нашле компромис за земјата да се вика ’Нова Македонија‘. Не знам дали ова е точно, но сметам дека е смешно. Потребно е да се прекине со ова. Македонија ја има и Македонија постои, точка и нов ред. Ја има и Грција. Морам да ви признам дека не разбирам добро за што се работи. Македонија нема да освои дел од Грција, ниту, пак, Грција ќе го направи тоа кон Македонија. Само си создаваме проблеми таму каде што ги нема. Сигурен сум дека има многу други позначајни проблеми во регионот отколку што е проблемот со името на Македонија“, ни рече Даниел Кон-Бендит.
На забелешката дека разбирањето и солидарноста на ЕУ со Грција создава фрустрација во Македонија, Даниел Кон-Бендит е категоричен:
„Не верувам дека тоа е така. Не мислам дека има разбирање. Факт е дека Грција е членка на ЕУ и може да стави вето за Македонија, но треба да излеземе од оваа ситуација и дилема. На најголемиот дел од луѓето од Европа баш им е гајле, ама навистина не им е гајле за проблемот со името на Македонија“.
На прашањето зошто тогаш Европскиот парламент и Европа еднаш засекогаш не и речат јасно на Грција дека нејзината позиција е ирационална и јавно не ја осуди за ваквото однесување, Кохн-Бендит одговoри:
„За тоа треба да се прашаат другите политички лидери и партии!“
Во однос на тоа дека неофицијално, најголемиот број од европските политичари не изразуваат разбирање за грчката позиција и ја поддржуваат Македонија, но кога ќе дојде моментот официјално да заземат став, тие имаат сосема друг став и не се осмелуваат да го кажат она што го признаваат во неофицијалните разговори, лидерот на зелените не ги поштедува своите колеги од другите политички групи за начинот на кој водат политика.
„Тоа е нивниот начин на водење политика. Не можам самиот да ја преземам одговорноста за мнозинството на целиот Европски парламент, но треба да знаете дека нашата позиција за Македонија е јасна и директна“.
Кохн-Бендит или „Црвениот Дани“, иако беше лидер на европските зелени се повлекува од политичката сцена поради неговата возраст и здраствени причини. Тој открива дека се бори со рак на тироидната жлезда и смета дека со 69 години ја достигна физичка граница.
„Да се биде европратеник е исцрпувачки. Знаете јас не сум во Европскиот парламент за да чекам да помине времето“.
Дани ќе ги поддржува Зелените на европските избори во мај, а на 31 мај ќе им рече „Чао, чао. Заминувам за Рио“.
Во Бразил, Даниел Кохн-Бендит ќе подготвува репортажи за светското првенство во фудбал.