Ал Џезира Балкан – Сараево
Германија која има намера да прифати рекорден број бегалци, повторно воспостави гранична контрола, до цел да одговори на предизвиците на бегалската криза. Многумина тој чекор на Германија го протолкуваа како непотребен, бидејќи со него се кршат правата на Шенгенскиот договор и се уриваат темелите на Европската унија.
Луксембуршкиот министер за надворешни работи Жан Аселбом рече дека Европа не смее да дозволи Шенгенот да доживее колапс.
Пресвртот во политиката на Германија предизвика поголеми турканици на австриско-германската граница, но Ал Џезира испита што претставува кршењето на Шенгенот и дали тоа може да има трајни последици на Европската унија како целина.
Распределба на бегалците
Политичкиот аналитичар и професор на Универзитетот „Лудвиг Максимилијанс“, Мартин Брусис смета дека граничните контроли се само привремено решение како што стојат сега работите, бидејќи земјите на ЕУ со разни механизми ќе ги зајакнат своите надворешни граници и ќе мора да развијат систем на распределба на бегалците.
– Сега е потребна гранична контрола која функционира, а државите мора да имаат можност да контролираат кој ја поминува нивната граница. Граничните контроли не смеат да доведат до тоа на бегалците кои побегнале од војната да им се оневозможи азил. Ова пред се се однесува на Унгарија која мора да го почитува достоинството на човекот и која мора да прими бегалци. Полициските кордони, солзавците и оградите се непотребни, истакна Брусис.
Тој тврди дека моментно шенгенскиот систем е надвор од сила, но верува дека не е во опасност. Кога станува збор за балканските земји, Брусис тврди дека ставот на Германија за контролата на граничните премини не се однесува на луѓето од Балканот и дека тие и натаму без визи ќе можат да патуваат во Германија.
Брусис осврна и на големиот број барања за азил од Балканот.
– Министрите за внатрешни работи на ЕУ, сакаат да ги прогласат Албанија, Косово и Црна Гора за сигурни земји, така барањата за азил од тие земји ќе можат да бидат одбиени без дополнителни проверки, вели тој.
Брусис заклучи дека Христијанско демократската унија (ЦДУ) сака да ја намали финансиската помош за азилантите, па предвидува дека барања за азил од Балканот ќе има се помалку.
Филип Драговиќ, регионален советник за владеење на правото во контекст на приближувањето на ЕУ при УНДП, смета дека Германија беше отворена за огромен прилив на бегалци и дека едноставно немала друг избор.
– Кога зборуваме за шенгенскиот систем, слободата на движењето на луѓето го иницираше тој систем, но тој има и други компензациски мерки. Повторното воспоставување на гранична контрола е нормално во ваква криза. Знаеме дека и при секое Европско првенство, дали во кошарка или во фудбал, се воспоставува засилена контрола. Првиремено, согласно правните рамки, како и сега, тврди Драговиќ.
Тоа што се заборава, вели Драговиќ, е дека тие мерки не можат да бидат долготрајни и дека граничните контроли се воспоставени само на официјалните гранични премини.
– Еве, мерките се во сила два-три дена, а Германија соопшти дека се покажале како полн погодок, бидејќи се уапсени неколку шверцери на луѓе. Но, ако бегалците тргнат по зелен пат, каде официјални гранични премини не постојат, тогаш настанува проблем, истакна тој.
Шенгенскиот систем не е нарушен со повторното воведување на граничните контроли, смета Драговиќ, но нарушена е доверба меѓу државите.
– Ако ваквиот прилив на бегалци продолжи со овој интензитет, Шенгенот ќе мора да се менува и модифицира, смета тој
Драговиќ тврди дека квотите можат да се одредуваат, но состојбата едноставно е таква што бегалците одат каде сакаат и тешко може да се одреди во која земја ќе дојдат.
– Ако бегалецот сака во Германија, тој ќе направи се за да стигне во земјата, но вие сега сакате да го префрлите во Шпанија. Бегалците одат каде сакаат, а тоа се енормни трошоци за една земја, вели тој.
Модификација на системот
Работата дополнително се комплицира од тоа што не се знае колку ќе трае бегалската криза, бидејќи шенгенскиот систем не е направен за такви работи.
– Нема никакви показатели дека приливот на бегалците ќе запре. Треба добро да се разгледа што ќе се прави со тие бегалци. Целиот шенгенски систем нема да падне бидејќи тој е широк, но нешто ќе мора да се промени, заклучи Драговиќ.
Новинарот Волфганг Мајнхеј во својата колумна за весникот „Шпигл“ истакнува дека Германија со воведувањето на граничната контрола ја повторува истата грешка како и по падот на Берлинскиот ѕид и војната на Балканот.
Тој наведе дека Германија со овој потег бегалската криза ја вклучи во редот на вонредни состојби и со тоа им даде до знаење на другите држави на Европа да го направат истото.
– Италија сега може исто така бегалската криза да ја прогласи за вонредна состојба и да ја обвини за неисполнување на економските цели во земјата. И Французите можат да го направат истото и бегалската криза да ја оправдаат со вложување во борбата против тероризмот и војната во Сирија, заклучи Мајнхеј во својата колумна.