Кармело Флорес Лаура е најстариот човек во историјата, според неговиот извод од книгата на родените, доколку тој е точен, а според него тој пред еден месец го прославил својот 123-ти роденден!
Тој живее во колиба со покрив од слама и со земјен под во зафрленото селско подрачје Фресквил, во близина на езерото Титикака, на надморска височина од 4.000 метри.
Старецот е неписмен, не говори шпански и во својата уста нема ниту еден заб. Го говори јазикот на домородците Ајмар.
„До неодамна гледав одлично, но во последно време малку почна погледот да ми се заматува”, изјавил Кармело пред новинарската екипа на “Associated Press”.
Во текот на целото интервју тој во устата имал листови кока, стимуланс кој, како што признал и самиот, како и сите припадници на неговиот народ, го џвака откако знае за себе.
Кармело изјавил дека долгиот живот му го должи на фактот што е постојано во движење затоа што чува крави и овци на свеж и чист воздух, а пие исклучиво вода и тоа од потокот кој поминува покрај неговата куќа, а доаѓа од падините на Илампуа, една од највисоките планини во Боливија.
Тој кажал дека алкохол не пиел во последните 100 години, а јаде овчо месо, но не и свинско, затоа што во неговиот крај не ни има такво месо.
Според Гинисовата книга на рекорди, најголема старост во поновата историја на светот доживеала Французинката Жана Калмен, која што умрела во 1997 година, на возраст од 122 години и 164 дена.