Рекорден број на новинари беа во затвор во 2020 година, објави денеска Комитетот за заштита на новинарите (ЦПЈ), обвинувајќи ги владите од целиот свет за задушување на медиумите и хранење на дезинформациите за време на пандемијата на Ковид-19.
Според годишниот извештај на невладината организација, 274 новинари биле уапсени оваа година, а 26 новинари или медиумски работници биле убиени.
– Тоа е шокантно и поразително, рече извршниот директор на ЦПЈ, Џоел Сајмон.
Најмногу новинари биле уапсени во Кина, втора година по ред, со 47 новинари кои се нашле зад решетки, според оваа организација.
Турција, Египет, Саудиска Арабија, заедно со Белорусија и Етиопија, се исто така меѓу земјите што најмногу ги затвораат новинарите.
Заклучоците во извештајот на ЦПЈ се совпаѓа со оној на „Репортери без граници“, кои во својот годишен биланс, објавен вчера, посочија дека бројот на новинари, професионални или не, кои се произволно затворени ширум светот останува „историски висок“ во 2020 година со речиси 400 апсења, додека здравствена криза предизвика зголемување на кршењето на слободата на медиумите.