Еден од седуммината членови на Изборната комисија во Кенија денеска поднесе оставка со обвинување до колегите за политичка пристрасност. Наведува дека Комисијата не може да гарантира веродостојност на претседателските избори.
– Комисијата не може да гарантира веродостојни избори закажани за 26 октомври. Не сакам да бидам дел од таа пародија, изјави Роузлин Акомбе, членка на Комисијата.
Нејзината оставка дополнително ќе ја влоши политичката криза во Кенија каде Врховниот суд на 1 септември ги прогласи за неважечки резултатите од претседателските избори поради „голем број неправилности“.
На поништените избори, одржани на 8 август, победи сегашниот претседател на Кенија, Ухуру Кенијата, со 54 отсто од гласовите. Откако Изборната комисија прогласи негова победа следеа протести, во кои загинаа 39 лица. Издадена е забрана за одржување демонстрации на опозицијата.