Горниот дом на чешкиот Парламент изгласа да се покрене обвинение против претседателот Милош Земан поради наводно кршење на Уставот.
Сенатот, кој е под контрола на опозициските партии, со 48 гласа „за“ и 20 „против“ изгласа предлог да се покрене обвинение против Земан пред Уставниот суд.
Сепак, оваа одлука треба да ја потврдат и две третини од Долниот дом на Парламентот, што најверојатно нема да се случи со оглед на тоа што мнозинство има движењето АНО на актуелниот премиер и сојузник на Земан, Андреј Бабиш.
Сенаторите го обвинуваат Земан дека во осум случаи не се однесувал во согласност со Уставот, а доколку судот се сложи со обвинението, Земан ќе мора да ја напушти претседателската функција, која воглавно е протоколарна.