На барање на опозициските партии ТОП 09, Граѓанската демократска партија (ОДС) и движењето ,,Зора” денеска се одржува седница на чешкиот Парламент на кој ќе се гласа за изразување недоверба на Кабинетот на премиерот Бохуслав Соботка, јави дописникот на МИА од Прага.
Според подносителите на барањето, причина за барањето за изгласување недоверба на Владата е судирот на интереси на министерот за финансии Андреј Бабиш, кој истовремено е на чело на неговата компанија ,,Агроферт”.
Конкретно барањето беше поднесено по минатонеделното гласање на пратениците за продолжување на даночното олеснување на биогоривата, а компанијата на Бабиш се занимава со нивно производство.
– Тука се работи за судир на интереси на искористување на моќта за просперитет на една фирма, сопственост на еден човек, рече претседателот на ОДС, Петр Фиала пред пратениците.
Владините партии сметаат дека денешното гласање за недоверба на Владата нема да биде успешно, но сметаат дека опозицијата има право да го побара.
За изразување на недоверба се потребни 101 глас од вкупно 200 пратеници, а владината коалиција има 111 пратеници во Долниот дом на чешкиот Парламент.
Се очекува гласањето да биде неуспешно бидејќи трите опозициски партии имаат 52 пратеници, од кои дел се изјаснија дека нема да гласаат против актуелната Влада.