Чешки министер го повикува НАТО да ги потопува празните бродови кои криумчарат мигранти

Од:

Чешкиот министер за финансии Андреј Бабиш ја повика Северноатлантската Алијанса да започне поморска операција во Средоземното Море за потопување на празните бродови кои криумчарат луѓе и да врши надзор на границата со Турција.

Бабиш најави дека за ова ќе зборува со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, кој пристигнува денеска во дводневна посета на Чешка, јави дописникот на МИА од Прага.

– НАТО треба со заеднички сили да ја штити турската граница и Средоземното Море, да помага во потопувањето на празните шверцерски бродови и да помага во натамошните дејствија против овие опасни криминалци и убијци, чиј бизнис ги загрозува бегалците и Европа, вели Бабиш во соопштението кое го испрати денеска.

Според Бабиш, однесувањето на шверцерите со луѓе, може да се спореди со однесувањето на сомалиските пирати против кои НАТО во август 2009 година ја започна операцијата Океански Штит, па тој се прашува зошто да не се направи и операција Медитерански штит?

Бабиш додава дека овие мерки ќе ги заштитат бегалците врз чиј грб шверцерите заработуваат десетици милиони евра. Тој оцени дека Чешка може да помогне со испраќање на полска болница на турската граница или на некој од грчките острови.

Тој смета дека НАТО би требало да им помогне со изградба на дополнителни бегалски кампови во земјите кои не можат да се справат со бранот на бегалците.

– Не е точно дека Европа не е загрозена. Војната на Блискиот Исток и Северна Африка, веќе преку бегалската криза предизвикува хаос и на нашиот континент. Самите борци на Исламската држава, предупредуваат дека меѓу бегалците ќе бидат инфилтрирани и нивни луѓе, ја објаснува чешкиот министер за финансии потребата од заштита на Европа

ЕУ уште во јуни почна поморска операција во Медитеранот против криумчарите на мигранти. За да можат бродовите на ЕУ да работат и во водите на земјите од Северна Африка, потребно е  одобрување од страна на Советот за безбедност на ОН, за која дипломатите на ЕУ преговараат.

– Секако дека е потребно да им се помогне на жените и децата кои бегаат пред војната и обврска е да им се помогне на загрозените луѓе, но според мене мотивите на бегалците се различни. Поголемиот број од луѓето одат заради великодушните социјални системи до Германија и Англија, вели Бабиш.

Тој додаде дека никој од политичарите не се грижи што ќе биде со Сирија кога ќе прекине конфликтот и кој ќе ја обновува земјата кога сите млади и образовани ќе бидат во Германија.

– Се плашам дека Европа со својот пристап почнува да создава голем проблем за во иднина, додава Бабиш во соопштението.

Би можело да ве интересира

Адмирал на НАТО до претприемачите: Подгответе воено сценарио

НАТО: Се подготвуваме за „прецизни удари“ ако дојде до војна помеѓу нас и Русија

НАТО соопшти за што разговарале Руте и Трамп

Претседателката Сиљановска Давкова ја прими Радмила Шекеринска, новоизбраната заменик-генерална секретарка на НАТО

Трамп го номинираше Метју Витакер за американски амбасадор во НАТО

Мицкоски: Немавме никаква дилема да ја поддржиме Шекеринска, и се јавив уште вчера

Катерина Ѓуровски