Од идната година во Чешка се очекува да важи целосна забрана за пушење во рестораните, на концерти и забави, јави дописникот на МИА од Прага.
Владата денеска го поддржа Предлог- законот со кој се забранува пушење во угостителските и јавни објекти, продажба на цигари и алкохолни пијалоци во автомати како и други мерки за ограничување на тутунот и алкохолот.
Предлог-законот треба да биде усвоен и од пратениците, а чешкиот претседател Милош Земан кој е активен пушач нема да поднесе вето иако според него подобро решение е поделбата на простории за пушачи и непушачи.
Исти забрани ќе важат и за електронските цигари и производите од билки кои се пушат, а ќе се регулира и продажбата на тутун и алкохол и на интернет.
Предлог-законот предвидува обврска за рестораните на листата за пијалоци да обезбедат барем еден неалкохолен пијалок кој ќе биде поевтин од пивото.
Се предвидуваат и построги санкции за служење на алкохол на малолетници.
Експертите сметаат дека мерките ќе донесат позитивни резултати иако имаат забелешки за нормативната рамка.
Асоцијацијата на хотелиери и сопственици на угостителски објекти не се согласуваат со предложените законски мерки и сметаат дека забраните не носат помала конзумација на алкохол и тутунски преработки.