Од октомври годинава, чешките компании кои имаат недостиг на нарачки или поради природни катастрофи имаат проблеми во работењето, нема да мораат да отпуштаат дел од своите вработени, туку ќе може да им понудат работа со скратено работно време.
Со измените на Законот за вработување се планира воведување на т.н „курзарбајт“, односно државата ќе доплаќа за платите на вработените на компаниите со проблеми во работењето, јави дописникот на МИА од Прага.
Предвидено е компаниите да надоместуваат 50 проценти од личниот доход, додека Владата ќе додава дополнителни дваесет проценти.
Економистите се скептични дека мерката ќе донесе успех, поради бирократски тешкотии, односно за помошта треба барање да поднесе претпријатието, а за секое поединечно ќе решава Владата.
Паричната поддршка ќе се исплаќа најдолго шест месеци, со можност за повторување.