Според чешкиот министер за човекови права, Јиржи Динстбир, Чешка може и со помош на домашните компании да прими од 7.000 до 15.000 бегалци, јави дописникот на МИА од Прага.
– Нема сомнеж дека ние ќе мора да покажеме многу јасна мерка на солидарност со земјите кои се соочуваат со најголем пораст на бегалци, рече Динстбир на прес-конференција подвлекувајќи дека Чешка треба да им понуди помош на земјите со најголем пораст на бегалци и без одредување на задолжителни квоти.
Притоа тој потсети дека во 90-тите години на минатиот век, Чешка им пружи помош на многу поголем број на луѓе кои бегаа од воените конфликти на Балканот.
– Спорот не е во тоа дали ќе бидеме солидарни и ќе примиме неколку илјади бегалци. Се работи за нешто друго, дали Европа ќе создаде механизам со кој Европската комисија (ЕК) автоматски ќе испраќа мигранти до некои земји и без да може за тоа да одлучуваат нивните влади, рече чешкиот премиер Бохуслав Соботка во врска со ова прашање.
Чешката Влада официјално одбива да разговара за прием на одредени обврзувачки квоти на бегалци и бара зајакнување на обезбедувањето на надворешните шенгенски граници, додека според предлогот на ЕК таа е способна да пружи помош на над 4.000 бегалци.