Чешките политичари се против најновиот предлог на Европската комисија (ЕК) за распоредување на баратели на азил според една поставена рамка, јави дописникот на МИА од Прага.
Премиерот Бохуслав Соботка смета дека миграциската политика мора да остане под контрола на земјите на кои таа се однесува.
– Мислам дека е контрапродуктивно тоа што ЕК повторно го дава на маса овој мртов предлог за трајни квоти, но со јасна свест дека не може да добие поддршка од земјите-членки, вели премиерот Соботка во денешното соопштение. Тој повтори дека предлогот е неприфатлив и дека чешката Влада нема да се согласи на било кој систем на задолжителни квоти за прифаќање бегалци.
Претседателот на државата Милош Земан предлогот го смета за „преформулирани квоти“ и преку портпаролот порача „дека ги отфрла таквите предлози“.
Слично мислење изрази и министерот за внатрешни работи Милан Хованец.
– Предлогот за реформи на европската политика во областа на миграцијата е повторно поставен преку воведување на задолжителни квоти. На тоа повторивме: Не, напиша Хованец на Твитер.
Министерот за финансии и лидер на партијата „Ано“ исто така своето мислење го изрази на Твитер, предлагајќи земјата против квотите да се бори по правен пат, со тужба. Тоа го побара и опозицијата.