По резултатите од тестовите на Чешката ветеринарна управа (СВС) која открила траги од коњска ДНК во говедски хамбургер со потекло од Полска и ќофтиња од говедско и свинско месо од Шведска, производите се стопирани и не се пуштаат во продажба.
Според изјавата на портпаролот на СВС, Јозеф Дубен информацијата е ставена и во системот за итно предупредупредување РАСФФ за останатите земји-членки на Европската унија, јави дописникот на МИА од Прага.
Примероците од хамбургерите се продавале во компанијата „БидВест“, а ќофтињата, во рестораните на шведскиот синџир на продавници за мебел „Икеа“. Двете сомнителни пратки, конкретно 760 килограми ќофтиња и 360 килограми хамбургери се запрени од понатамошна дистрибуција во продажната мрежа.
– Покрај ова се проверува и податокот колку ирско месо кое е означено како говедско месо, а за кое постои сомневање дека содржи коњско месо влегло во нашата земја, додаде Дубен.
Претходно, чешката инспекција пронајде недекларирано коњско месо во лазањи произведени во Луксембург.