Чешка не планира да преземе исти чекори како и Франција, која ги забрани најлон кесите и пластичните садови за една употреба, информираше министерот за животна средина Рихард Брабец, јави дописникот на МИА од Прага.
Брабец изјави дека тоа ќе се реши со планираните Измени и дополнувања на Законот за пакување, со кои се укинува досегашната пракса за добивање бесплатни најлон кеси при купувањето во продавниците и со нивното донесување кесите ќе се наплаќаат.
– Мерката на Франција ме изненади. Ние сме убедени дека планираните измени ќе бидат доволни и не планираме ништо друго, изјави за локалните медиуми министерот.
Со неговото мислење се согласуваат и пратениците од Комисијата за животна средина.
– Ги разбирам причините поради кои Франција се одлучила на тоа, но тоа ми се чини како претерана реакција, оцени пратеникот Михал Кучера.
Потпретседателот на Комисијата Вацлав Земек смета дека „луѓето не треба да се тераат на ништо туку потребна е еколошка едукација и разредување на отпадот“.
Законот, кој пред неколку дена го донесе Франција, а ќе важи од 2020 година, предвидува сите пластични чаши, прибори и чинии за една употреба, да бидат изработени од материјал од биолошко потекло. Претходно, земјата ги забрани најлон кесите.