Чешка поради миграциската криза, од сабота (10 октомври) ќе ја прошири контролата на границата со Австрија и полиција ќе биде распоредена на 20 наместо на 14 премини, соопшти чешкото Министерство за внатрешни работи.
Доколку Австрија одлучи да ги затвори своите граници со исклучок на оние со Чешка, Чешка е подготвена да ја зголеми заштитата и дури да прекине некои меѓународни железнички линии, јави дописникот на МИА од Прага.
Според Министерството, со мерките ќе се постигне поголем преглед на можно нелегално преминување на понефреквентните гранични премини и според надлежните не се работи за повторно воведување на гранични контроли.
– Сакаме да обезбедиме безбедност за граѓаните на Чешка и се реализираме во согласност со Шенгенскиот граничен кодекс, изјави министерот за внатрешни работи Милан Хованец.
Со контролите, кои се по случаен избор, чешката полиција почна на 13 септември, а контролата на трасите каде се движат бегалци беа засилени уште во јуни.
Информациите за проширување на граничните контроли во Чешка се појавија, откако некои медиуми јавија дека доколку Австрија ги затвори границите откако ќе биде завршена граничната ограда во Унгарија тоа ќе го направи и Чешка, бидејќи трасата на бегалците за Германија би се сменила преку чешка територија.
Таа информација ја негираше чешкиот министер за надворешни работи Лубомир Заоралек.
Чешка и натаму останува против одлуката на ЕУ за одредување квоти за прераспоредување на бегалци во земјите- членки на ЕУ.
Според премиерот Бохуслав Соботка, Чешка не е цел на бегалците и во неа досега азил побарале замо 70-80 лица.