Чешка засега не го менува својот став на несогласување со предлог-директивата на ЕУ за воведување квоти за жени и мажи кои членуваат во Надзорниот и Управниот одбор на големите компании, јави дописникот на МИА од Прага.
Предлог-смерницата, првично беше одбиена од поранешната десничарска влада и поранешниот Парламент на Чешка, со што земјата беше една од малкуте држави кои сакаа да го блокираат овој предлог на ЕУ.
Актуелната Влада на премиерот Соботка во својата програма вети дека „строго ќе го применува принципот на родова еднаквост и ќе се заложи за промовирање на поголема застапеност на жените на раководни позиции”, но министрите не го поддржаа предлогот на владина седница.
Предлогот на ЕУ се однесува на воведување квоти до 2018 година за еднаквост на жените и мажите како членови на Надзорните и Управните одбори во големите државни компании, со најмалку 40 проценти од функциите.