Часови пред да биде убиен Немцов во радиоинтервју го критикувал Путин

Од:

Само неколку часа пред смртта на рускиот опозициски лидер Борис Немцов, тој остро го критикувал рускиот претседател Владимир Путин во радиоинтервју поради тоа што „со неразумната, агресивна и смртноносна политика на војната во Украина ја вовлекол Русија во криза“.

– Државата има потреба од политички реформи, изјавил Немцов за радиото „Ехото на Москва“.

– Кога власта е концентрирана во рацете на еден човек и кога тој човек владее вечно, тоа ќе доведе до апсолутна катастрофа, апсолутна, нагласил, Немцов.

Немцов ги повикал Русите, кои го поддржуваат „прекинот на руската војна во Украина, кои се за прекин на агресијата на Путин“ да дојдат на маршот „Пролет“ во Марино, регион на Москва, кој беше закажан за утре.

Руските опозициски лидери по убиството на Немцов изјавија дека тој работел на извештај за присуството на руските воени сили во Украина.

Организаторите на маршот во меѓувреме соопштија дека го откажуваат протестот поради смртта на Немцов и оти ќе организираат настан, кој го нарекоа „Марш на жалост“.

– Во врска со убиството на рускиот политичар Борис Немцов опозицијата го откажа закажаниот за утре протестен марш во еден од регионите на Москва, изјави еден од организаторите на маршот, Михаил Касјанов.

Касјанов, копретседател на партијата РПР Парнас, во чие раководство беше и Немцов изрази шокираност од инцидентот. За радиото „Ехото на Москва“ тој истакна дека не може да поверува дека тоа се случило.

– Во центарот на Москва, покрај ѕидините на Кремљ е убиен лидер на опозицијата. Ова е ужасно. До каде стигна Руската Федерација?…Свесно одиме во пропаст, рече Касјанов.

Рускиот опозиционер Гари Каспаров, кој соработувал со Немцов во органзиирање на протестите против Путин напиша на Твитер од САД, каде што живее: „Застрелан четири пати, по еден пат за секое дете, што го остави“.

Лидерот на Комунистичката партија на Русија, Генадиј Зјуганов изјави оти истрагата за убиството на Немцов треба да се спроведе што е можно побрзо, бидејќи „непријателите на Русија веќе ја користат создадената ситуација за своите цели и тоа може да има далекусежни последици“.

Според него убиството треба да се разгледува како „жестока крвава провокација против нашата држава и против секој граѓанин на Руската Федерација“.

Во меѓувреме адвокатот на Немцов, Владимир Прохоров изјави дека неговиот клиент добивал закана на социјалните мрежи и оти полицијата била известена за тоа, но власите не презеле никакви мерки за да го заштитат.

Портпаролката на руското Министерство за внатрешни работи изјави дека Немцов бил застрелан од автомобил во движење, додека се шетал со својата пријателка, украинска државјанка. Жената не настрадала и таа е на сослушување во полицијата.

Според руската телевизија НТВ политичарот бил во придружба на 24-годишната киевска манекенка Ана Дурицкаја.

Жителите на Москва веднаш откако полицијата се повлече од местото на кое беше застрелан Немцов, на мостот во близина на Кремљ почнаа да положуваат цвеќиња за да му оддадат почит на опозицискиот политичар.

Жителите на Киев исто така положуваат цвеќиња пред Амбадата на Русија за да му оддадат почит на Немцов.

Би можело да ве интересира

Пет лица загинаа во сообраќајна несреќа во Санкт Петербург

Горан Наумовски

Руски суд го заплени имотот на италијанскиот „УниКредит“ вреден 463 милиони евра

Амбасадорите на ЕУ се согласија да стават уште четири руски медиуми на листата на санкционирани

Русија ја обвини Канада дека ги оправдува нацистичките злосторства

Песков: Белоусов e номиниран за министер за одбрана поради иновативноста и конкурентноста

(ВИДЕО) Руски медиуми: Автобус полн со луѓе падна во река во Санкт Петербург, има загинати

Горан Наумовски