САД се цврсто решени да ги зацврстат своите врски со Израел во момент кога Блискиот исток е зафатен од кавги, вети денеска министерот за одбрана на САД, Чак Хејгл на средбата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, пренесе ДПА.
-Времињата сега се опасни и повеќе од кога било претходно е потребно пријателите и сојузниците да се зближат. Ние сме цврсто решени да продолжиме да ги зацврстуваме нашите односи со Израел, рече Хејгл.
Тој изрази увереност дека дејствувајќи взаемно со сојузниците и пријателитете, САД ќе успеат да го направат потребното за Блискиот исток да го претворат во подобар регион и на Израел да му гарантираат повеќе безбедност.
Нетанјаху одговори дека без никаков сомнеж врските меѓу САД и Израел ќе станат уште поблиски, додека на чело на американското Министерство за одбрана е Чак Хејгл, и дека тоа е многу важно, бидејќи и двете земји се исправени пред многу предизвици.
Како најголеми закани израелскиот премиер ги посочи вооружувањето на терористичките групи од Иран и обидите на Исламската република да се здобие со нуклеарно оружје.
Хејгл во неделата пристигна во Израел, неговата прва станица од петдневната обиколка на Блискиот исток. Тој ќе ги посети, исто така, и Јордан, Египет, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати.