Бунтовниците во Мали изјавија дека повторно се враќаат на мировните преговори со Владата, откако пред околу една недела го прекинаа своето учество.
Враќањето на бунтовниците во преговорите беше соопштено синоќа во главниот град на Буркина Фасо по разговори со претседателот на оваа земја Блез Компаоре, кој посредува за постигнување мировен договор во Мали.
Откажувањето на бунтовниците од преговорите предизвика загриженост и опасност од обновување на насилството во северниот дел на Мали, а минатата недела во градот Кидал избувнаа престрелки меѓу бунтовниците и војската на Мали.
Потпретседателот на сепаратистичкото „Национално движење за ослободување на Азавад“ изјави дека одлуката за враќање на преговорите била донесена со цел да се спречи опасноста земјата да потоне во хаос.
Претходната недела властите ослободија околу 25 затвореници, со што беше исполнето клучното барање на бунтовниците.