Бундесверот не војува прекувремено

Од:

Политика – Белград

Недоволните инвестиции во опремата на германската армија и прашањето дали војниците треба да учествуваат во борба против тероризмот, внесоа раздор во владејачката коалиција

Четиринеделната воена вежба во Норвешка под името „Студен одговор во 2016 година‟ требаше да ја зајакне волјата и издржливоста на силите на НАТО во тешки временски услови, но наспроти тоа доби неочекуван пресврт. По 12 дена вежби, германските војници едноставно се спакуваа и си заминаа. Но, не затоа што не можеа повеќе да ја издржат студената норвешка зима, туку затоа што според германскиот закон не смееја повеќе да работат бидејќи го искористиле целиот дозволен износ за прекувремена работа.

Сред воената вежба, која во зимски услови очигледно симулираше одговор на напад на земја како што е Русија, претставниците на Бундесверот (германската војска) ги фрлија пушките и отидоа во шаторите на попладневна дремка, бидејќи домашниот закон им дозволува само 41 часовна работна недела, а прекувремената работа не може да им биде надоместена со пари, туку само со слободни денови.

И додека многу Европејци ја замислуваат германската војска како во времето на неславното нацистичко минато, германските војници се жалат на Ханс Петер Бертелс, пратеник во Бундестагот задолжен за парламентарно надгледување на воените сили, дека поминуваат цели денови не работејќи ништо поради стриктните ограничувања на работното време.

Поради тоа Бертелс ја повика владата да ја зголеми флексибилноста во оваа област, така што ќе го промени неделното ограничување на бројот на работните часови на годишно ограничување.
Според неговите зборови, војниците му рекле дека биле натерани во 4.30 попладне едноставно да ги затворат центрите за обука во касарните.

„Не може да се толерира тоа да не можеме да ги исполниме своите обврски во НАТО поради правилата за прекувремена работа‟ – вели Бертелс.

Состојбата во германската војска веќе некое време е во фокусот на интересирањето на јавноста, посебно по откритието дека војниците поради недостиг на време биле принудени да вежбаат користејќи дрвени стапови место пушки. Освен тоа, минатиот декември е откриено дека помалку од половината германска флота од 66 борбени авиони „торнадо‟ навистина се подготвени за летање, а една година порано исто е утврдено и за 24 од вкупно 56 транспортни авиони на Бундесверот, кои се од клучна важност за мисиите во Ирак и западна Африка. Слични проблеми во квалитетот и оперативноста биле утврдени и кај хеликоптерите, оклопните транспортери и поморските фрегати, но наспроти тоа се до неодамна министерката за одбрана Урсула фон дер Лајен не го зголеми годишниот воен буџет, кој изнесува околу 34,2 милијарди евра.

Кон крајот на март владата на канцеларката Ангела Меркел конечно се одлучи во наредните четири години за 10,2 милијарди евра да ги зголеми инвестициите во војската, но војниците, воените експерти па дури и социјалдемократските коалициони партнери во нејзината влада истакнуваат дека тоа не е доволно за модернизација на Бундесверот.

„Тоа е нешто повеќе од одржување на способноста на Германија да делува во согласност со својата одбранбена политика‟ – истакна Андре Вистнер, шеф на синдикатот на германските војници, додавајќи дека во следните четири години на војската ќе и бидат неопходни барем 18,5 милијарди.

„Недоволното финансирање на бундесверот е далеку од крајот, иако овој потег на владата е чекор во добра насока‟.

Според овој план, германскиот воен буџет идната година треба да изнесува 36,61 милијарда евра, а до 2020 треба да порасне на 39,18 милијарди. Но, тоа и понатаму ќе биде само околу 1,2 отсто од БДП, иако како членка на НАТО Германија има обврска на воените сили да вложува 2 отсто од БДП. Поради ова штедење, Берлин со години е на удар на критики од сојузниците во НАТО, посебно од САД и Велика Британија, кои многу поголем дел од своите државни буџети трошат на одбраната за разлика од Германија, но и Франција и Италија.

Министерката за одбрана пак тврди дека таа сака во наредните 15 години да потроши 130 милијарди евра, за војската конечно да биде осовремена и да бидат решени актуелните проблеми со воената опрема кои траат веќе подолго време. Сепак, со ова зголемување и најавата за поголеми инвестиции, демохристијанската министерка не ги освои срцата на социјалдемократските партнери во власта, кои се согласни со критиките кои стигнуваат од синдикатот на војниците.
„Дополнителните 10 милијарди од буџетот воопшто не се доволни‟ – вели за дневниот весник „Велт‟ Рајнер Арнолд, пратеник на СПД задолжен за прашања за одбраната.

Меѓутоа, ова не е единствено воено прашање околу кое се кршат копја во владејачката коалиција. Уште поактуелна е дебатата околу тоа дали треба да се промени уставот така војниците да можат да бидат распоредени во Германија за да помогнат на полицијата во борбата против тероризмот, а не само привремено во случаи на елементарни непогоди.

„Бундесверот не треба да се користи како ефтин резерверен персонал на полицијата, која е бројно веројатно премногу намалена‟ – рече Бартелс за весникот „Нордвест цајтунг‟.
„Користењето на војниците како траен додаток на полицијата внатре во Германија би било спротивно на Уставот и тогаш војниците би вршеле работи за кои не се обучувани. Трупите на Бундесверот во многу области се веќе на границат на издржливост‟.

Германските воени сили моментално се во поморски воени мисии на Средоземјето, на Егејското море и кај ртот Африка, но и во копнени мисии на Косово, во Турција, Либан, Судан, Јужен Судан, Мали, Либерија и Западна Сахара, а секаде како дел од операциите на Обединетите нации, НАТО или на Европската унија.

Меѓутоа, откако се засили бранот на бегалската криза и терористичките напади, конзервативците од ЦДУ на Ангела Меркел, како и од нивната сестринска ЦСУ на баварскиот премиер Хорст Зехофер, бараат уставот да се промени така да се овозможи распоредување на војската и внатре во Германија.

„Сметам дека е важно и неопходно, во исклучителни случаи да можеме да го распоредиме Бундесварот внатре во земјата‟ – вели за весникот „Минхен меркур‟ баварскиот министер за внатрешни работи Јоахим Херман, додавајќи дека „итните случаи‟ како што се терористичките напади во Парис и Брисел, би можеле да бидат основа, во Германија да се надмине историската поделба на воените и полициските задачи.

Сепак, СПД не сака да ја поддржи оваа промена на уставот, а без нивна поддршка нема да биде можно демохристијаните да обезбедат двотретинско мнозинство во Бундестагот кое е неопходно за промена на Уставот.

Би можело да ве интересира

Германија стравува дека утре ќе избијат немири, илјадници полицајци пристигнуваат во Берлин

Меѓународниот суд на правдата нема да и наложи на Германија да го запре извозот на оружје за Израел

Горан Наумовски

Русин со нож усмрти двајца Украинци во Германија

Првиот германски разузнавач: И Русите се подготвени за саботажа

Горан Наумовски

Тројца тинејџери уапсени во Германија под сомнение дека планирале напад

Спречен терористички напад во Германија