Новоизбраниот претседател на Нигерија, Мухамаду Бухари, денеска призна дека не може да вети дека 200-те ученички, кои пред точно една година беа киднапирани во градот Чибок од исламистите од Боко Харам, ќе бидат најдени, пренесува БТА
– Не знаем дали девојчињата од Чибок може да се спасат. Нивното место на престојување се уште ни е непознато. Многу би сакал тоа да го направам, но не можам да ветам дека ќе можеме да ги пронајдеме, забележа Бухари.
„Ги уверувам сите родители, блиски и пријатели на овие деца дека Владата ќе направи се што е во нејзина моќ да ги врати дома“, подвлече тој.
Однесувањето на новиот шеф на државата, кој на должноста ќе стапи во текот на мај, е во спротивност со тоа на досегашниот претседател Гудлак Џонатан, за кого откривањето на грабнатите девојчиња, на 14 април минатата година, во североисточна Нигерија, се чини не беше приоритет, додека не беше притиснат да реагира од кампањата на меѓународната заедница.
Џонатан, меѓутоа, повеќе пати има изјавено дека девојчињата ќе бидат ослободени без да дава некаква прецизна информација.
Нигериската армија минатата година соопшти дека знае каде девојчињата се наоѓаат, но напомена дека воената операција за нивно спасување е премногу ризична за животот на заложничките.
Бухари, кој победи на изборите од 28 март, фокусирајќи ја својата кампања токму врзборбата против Боко Харам, изјави дека кога на крајот на мај неговата Влада ќе ја преземе власта, тој ќе направи се што е можно да се справи со исламистичката група.
Бухари (72) е поранешен генерал, познат по својата непоколебливост.