Австралиските власти во Нов Јужен Велс ги повикаа жителите на Сиднеј да останат дома, предупредувајќи дека сегашната тринеделна блокада може да биде продолжена доколку не се стави под контрола последниот бран на инфекции со Ковид-19, бидејќи извештаите укажуваат на најголемо зголемување на локални случаи оваа година.
Стотици дополнителни полициски патроли во Сиднеј моментно спроведуваат мерки на градските власти за да се спречи ширењето на многу заразните инфекции со делта сојот, од кои сега има вкупно повеќе од 400 потврдени случаи.
– Нов Јужен Велс се соочува со најголемиот предизвик од почетокот на пандемијата и моментно бројките не одат во добра насока, изјави премиерката Гледис Береџиклиан.
Таа, исто така, апелираше до жителите да не ги напуштаат своите домови освен за приоритетни потреби.
Во оваа најнаселена австралиска држава денеска се пријавени 44 локални случаи, а 43 пациенти во моментот се хоспитализирани, од кои 10 се наоѓаат на интензивна нега и четворица се приклучени на респиратори. Зголемување на инфекциите се регистрира и покрај двонеделното заклучување кое беше продолжено за уште една недела, до 16 јули.
Властите најавија дека од вечерва ќе ги заострат ограничувањата во Сиднеј и ќе ги ограничат собирите на две лица, како и движењето на жителите на 10 километри од нивните домови.