Бројот на жртвите од железничката несреќа во Пакистан се зголеми на 23, откако во текот на ноќта во оштетените вагони беа пронајдени повеќе тела, соопштија официјални претставници, наведе ДПА.
Десетици други лица беа повредени вчера, рано утрината, кога патнички воз удри во товарен вагон што бил оставен на пругата во источен Пакистан.
-Спасувачите екипи ноќеска открија уште седум тела откако ги пресекоа оштетените вагони, денеска изјави началникот на локалната полиција, Умер Саламат.
Возот сообраќал од источниот град Лахоре кон југозападна провинција Балочистан.
Четворица членови на едно семејство – татко, мајка и двајца синови – се меѓу загинатите, наведува ДПА.
Се уште не се знае која е причината што доведе до несреќата, но министерот за железници, Шеик Рашид, смета дека првичната истрага укажувала на човечка грешка.
Железничките несреќи се вообичаена појава во Пакистан, каде што многу пруги изградени уште од британските власти, за време на колонијалното време, пред 1947 година, се уште не се модернизирани.
Ова е трета железничка несреќа во земјата само во последниот месец. Во претходните две немаше жртви, наведува ДПА.