Бројот на работниците од Бугарија и Романија во Велика Британија, во првиот квартал од оваа година, е зголемен за 15 отсто. Тоа се случува пред да се укине седумгодишното ограничување за вработување на луѓето од овие две земји-членки на ЕУ.
Според агенцијата Имигрејшн Воч, која ги надгледува имигрантските движења, сега на работа во земјата има 112 илјади Бугари и Романци, што е најмногу откако се регистрира приливот на странците од овие две балкански држави.
Во 1997 година во британската фирми биле вработени само две илјади бугарски и романски имигранти. Десет години подоцна, во 2007 година, кога Бугарија и Романија станаа членки на ЕУ, од овие земји биле регистрирани 29.000 работници во разни сектори, додека седум години подоцна нивниот број е зголеме за уште 80.000 луѓе и тоа во услови кога приливот на Бугари и Романци во британското и во стопанството на уште десетина други земји од Унијата требаше да биде лимитиран.
Со одлуката од јануари 2007 година имигрантите од овие две земји во Велика Британија можеа да работат само ако се самовработени, работејќи во аграраот и во делови од прехранбената индустрија и како сезонски работици, при што можеа да останат само шест месеци.
Таа блокада при вработувањето се укинува на 1 јануари 2014 година, па во британската јавност постои страв од наплив на бугарски и романски имигранти.
Претставник на Имигрејшн Воч објасни дека бројот на имигрантите од овие две земји годишно се зголемува за 14.000 луѓе. Проценки на оваа агенција е дека по Нова Година и без досегашните ограничувања, годишно во Велика Британија ќе доаѓаат за работа по околу 50.000 Бугари и Романци.
Последниот попис на населението открива дека сега еден од десет луѓе кои живеат на британска територија се граѓани на некоја од земјите од Источна Европа, при што далеку најбројни се Полајаците. На крајот од 2011 година бројот на британските работници беше намален за 311.000, но на оние родени некаде во странство, беше зголемен за 181.000 луѓе.