Шефот на британската дипломатија Борис Џонсон денеска во Прага ќе разговара за последиците од одлуката на Велика Британија за напуштање на Европската унија (ЕУ).
Џонсон е предвидено да се сретне со чешкиот министер за надворешни работи Лубомир Заоралек и премиерот Бохуслав Соботка, јави дописникот на МИА од Прага.
Според најавите, посетата е дел од напорите на британската влада за да се утврдат ставовите на земјите членки на ЕУ и институциите на ЕУ околу претстојните преговори за уредување на односите меѓу Лондон и Брисел, по Брегзитот.
Дел од разговорите ќе биде посветен и на безбедносната и одбранбената политика, на борбата против меѓународниот тероризам и миграциската криза.
Процедурата за заминувањето на Велика Британија од ЕУ се очекува да трае две години. Чешката Влада во односите со Лондон става акцент на тоа чешките граѓани и по Брегзитот да имаат исти права на британскиот пазар како и Британците.