Велика Британија денеска стана првата држава во светот што започна со вакцинација против Ковид-19 со вакцината на Фајзер и Бионтек.
Но, според се, Британците нема да примат само една вакцина, туку две.
Според „Дејли меил“, британски научници ќе се обидат да им дадат на луѓето повеќе видови вакцини против Ковид-19 за да стимулираат различни делови на имунитетот за борба против коронавирусот.
Научниците од Националната работна група за вакцини најавија дека вакцинацијата ќе се изврши во две фази – населението прво ќе добие вакцина на Фајзер и Бионтек, а потоа друга (најверојатно од Оксфорд) вакцина, која, како што објаснуваат, ќе ја интензивира и комплетира првата.
Теоретски веќе е докажано, време е да се тестира во пракса
Бидејќи вакцините кои ја поминале третата фаза на тестирање работат на различни начини, земањето дози на различни вакцини може да го зајакне имунолошкиот одговор и да обезбеди подобра, подолготрајна заштита.
Шефот на британската работна група за вакцини, Кејт Бингам, рече дека истражувачите во Велика Британија ќе започнат со тестирање на овој метод следната година.
– Теоретски, вакцините дадени на овој начин функционираат подобро, и сега има можност тоа да се тестира во пракса, рече Бингам.
Тестирањето, како што е најавено, може да трае два месеци, а „во игра“ ќе бидат само вакцините одобрени од британската влада, за кои е докажано дека се безбедни и ефикасни кога се добиваат независно.
Зошто една вакцина не е доволна?
Британците го имаат одговорот на ова прашање: различни вакцини стимулираат различни делови на имунолошкиот систем – главните супстанции се антителата и Т-клетките.
– Првата заштита ќе биде обезбедена со една вакцина, а втората може да следи или за 28 дена или за два месеци со друга вакцина против Ковид-19. Вакцините кои го содржат вирусот предизвикуваат многу посилен клеточен одговор отколку, на пример, вакцините базирани на мРНА. Антителата го блокираат влезот на вирусот во клетките, а Т-клетките ги идентификуваат оние клетки кои се заразени и потоа ги елиминираат. Ова може да го зајакне одговорот на имунитетниот систем и да обезбеди подобра заштита од инфекција – објасни Бингам.
Членовите на Националната работна група за вакцини потсетуваат дека одобрувањето на првата вакцина за мРНА во светот е „највозбудливото нешто што се случило во вакцинологијата“.
Вакцинација секоја година
Вакцините против Ковид-19 може да станат како вакцини против сезонски грип – луѓето би ги примале секоја година.
Исто така е најавено дека сите Британци кои се вакцинираат против Ковид 19 ќе бидат следени со години за да се види дали развиваат несакани ефекти и како реагира нивниот имунолошки систем на вакцината.
Вакцината произведена од Фајзер и Бионтек е мРНА вакцина, прва од ваков вид одобрена досега и делува со инјектирање генетски материјал од коронавирусот во организмот. Функционира така што телото му дава инструкции да произведе протеин кој се наоѓа на површината на вирусот корона, а потоа имунолошкиот систем учи да препознава и произведува антитела против тој протеин.
Вакцината на Модерна работи на ист начин.
Сепак, вакцината на Оксфорд се заснова на вирусен вектор или аденовирус. Повеќе од четири милиони дози од оваа вакцина се веќе подготвени во Велика Британија, а официјалното одобрување за употреба се очекува овој месец.