Британскиот премиер Борис Џонсон денеска на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк ќе соопшти дека Обединетото Кралство ќе го зголеми својот придонес кон Светската здравствена организација (СЗО) за 30 отсто, но и дека истовремено бара нејзина реформа и повикува на обновување на прекуграничната соработка, јавија британските медиуми.
Во снименото обраќање до Генералното собрание на ОН, Џонсон ќе посочи дека пандемијата на Ковид-19 ги зголеми бариерите за трговија.
-По девет месеци борба против Ковид-19, во прашање беше доведен и самиот поим за меѓународна заедница. Ако не се обединиме и не го свртиме огнот кон заедничкиот непријател, сите ќе изгубиме. Сега е време човештвото да ги прескокне границите и да ги затвори тие грди пукнатини, пренесоа британските медиуми делови од говорот на Џонсон, што им се доставени на медиумите.
Неговиот план предвидува глобална мрежа на истражувачки центри, поголем капацитет за производство на вакцини и договор за намалување на извозните тарифи воведени на почетокот на пандемијата.
Британскиот премиер ќе сооопшти конкретно дека Велика Британија во следните четири години за СЗО ќе одвои 340 милиони фунти, 30 проценти повеќе отколку во претходниот период.
Велика Британија, заедно со Франција и Германија, но со барање за реформа, го поддржува СЗО, која се соочи со критики за нејзиниот одговор на пандемијата на коронавирусот.