Британската Влада ги објави своите правни аргументи врз основа на кои го засновала учеството во ракетниот напад врз Сирија, јави новинската агенција ДПА.
– Интервенцијата беше насочена исклучиво со цел да се избегне хуманитарна катастрофа предизвикана од употреба на хемиско оружје од страна на сирискиот режим. Акцијата која беше преземена беше минимумот потребен за да се исполни целта, пишува во аргументите објавени од страна на Владата.
Во нив, дополнително се наведува дека Британија смее, според меѓународното право, да презема мерки со цел да помогне во случаи на хуманитарно страдање, доколку се исполнат три услови – да има уверливи докази за стореното, да постојат екстремни нарушувања на хуманитарната состојба и да е потребна итна акција. Британија ја обвинува Сирија дека користи хемиско оружје против области под контрола на бунтовниците од 2013 година, и дека веројатно би го сторила тоа повторно.
Во аргументите не е содржан одговор на обвинувањето на лидерот на Лабуристичката партија Џереми Корбин, дека Владата не побарала согласност од Парламентот пред да учествува во воената операција. Во 2013 година, по хемискиот напад во близината на Дамаск, Британија се откажа од учеството во воен одговор откако мнозинството во Парламентот се изјасни против таа опција.