Европскиот комесар задолжен за климатски прашања, Мигел Кањете, изјави дека планира да предложи поамбициозни климатски цели за земјите членки на ЕУ.
За сега зацртаните климатски цели на ЕУ се намалување на емисијата на штетни гасови за 40 отсто до 2030. ЕУ се заложи и дека до 2030 обновлите енергии треба да достигнат 32 отсто од целокупниот енергетски микс, а енергетска ефикасност да се зголеми за 32,5 отсто.
Европската Комисија сега сака да предложи намалување на штетните гасови на 45 отсто, потврди Европската Комисија. Но, за ова ќе треба согласност од земјите членки претходно.
Кањете планира прашањето да им го презентира на земјите членки и се надева дека ќе добие од нив согласност пред претстојната глобална климатска конференција во Полска, КОП24, во декември.
Исклучително жешкото лето во Европа оваа година, пожарите, сушата и штетните последици за земјоделството ги вратија климатските прашања на врвот на политичките и граѓанските приоритети.
Според еврокомесарот Европската Унија може лесно да ја постигне целта од 45 отсто.
-Врз основа на нашето моделирање де факто би стигнале до 45 отсто намалување на емисиите на стакленични гасови во ЕУ.
Други земји членки, со поамбициозни политики, веќе побараа оваа цел да се искачи на 55 отсто, што, според експертите, е потребниот минимум за политиките да бидат ефикасни. Меѓународната заедница, на последната климатска конференција во Париз, се согласи дека зголемувањето на температурите треба да се задржи под два степени, споредено со прединдустриската ера.
Администрацијата на Доналд Трамп се повлече од заклучоците на парискиот климатски договор, што е дополнителна причина за Европската Унија да ги унапред своите амбиции во таа област.