Шефот на дипломатијата на ЕУ, Јосеп Борел, потврди дека Европската Унија ќе воведе нови санкции против руски државјани поради затворската казна за Алексеј Навални, и порача дека Русија се претвора во авторитарна држава.
По денешниот министерски состанок за надворешни работи на ЕУ, високиот претставник за надворешна политика, Јосеп Борел, изјави дека “Русија сѐ повеќе се движи кон авторитарна држава“.
-Таа дава јасни сигнали дека не е заинтересирана за соработка со ЕУ, напротив таа се чини бара судир, рече Борел и додаде дека на денешниот состанок со министрите е постигната едногласна одлука да се воведат санкции против лицата одговорни за затворската казна и заплашувањето на опозиционерот Алексеј Навални.
Борел изрази надеж дека во рок од најмногу една недела овие санкции ќе бидат на сила, колку што е потребно за административната процедура за одобрување во ЕУ.
Шефот на ЕУ дипломатијата објасни дека на денешниот состанок е одлучено да се работи според три главни оски со Москва: едната е отфрлање на нарушувањето на меѓународното право и човековите права во Русија, втората е да се спречи Русија која врши притисок врз ЕУ преку сајбер напади и дезинформации, и конечно, третата е ангажман во области каде ЕУ и Русија имаат заеднички интереси.
-Треба повеќе поддршка за оние во Русија кои се посветени за политичките и граѓанските слободи и мораме да дефинираме начин на функционирање за да избегнеме постојан судир со сосед кој одлучил да се однесува како непријател, изјави Јосеп Борел.
Запрашан за неговата контроверзна посета на Москва на почетокот на овој месец, високиот претставник порача дека критиките не се основани и дека денеска добил целосна поддршка од сите земји членки за неговата работа.
Осврнувајќи се на сослушувањето во Европскиот Парламент по неговата посета на Русија, Борел изјави дека станува збор за десетина отсто од европратениците кои бараат негова оставка и побара да се стават работите во перспектива.