Би-би-си
Британците најверојатно уште оваа година ќе гласаат за претставници во Европскиот парламент.
Подготовките за избори во ЕП, кои ќе се одржат на 23 мај, почнаа низ Европа, а на нив најверојатно ќе учествува и Велика Британија, бидејќи Брисел се согласи да го одложи брегзит до 31 октомври.
Иако британската премиерка Тереза Меј изјави дека нејзината држава нема да учествува на изборите, доколку нејзиниот план за брегзит добие поддршка пред европското гласање, веројатно Британците и тогаш ќе бидат дел од ЕУ.
Претставниците во Европарламентот директно ги избираат гласачите од ЕУ. Одговорен е, заедно со Советот на министри на земјите членки на ЕУ, за изработка на закони и одобрување на буџетот. Има улога и во односите на Брисел со другите држави, како и со земјите кои сакаат да се присоединат кон Унијата. Нејзините членови ги застапуваат интересите на различни земји и региони во рамки на ЕУ.
35
Како се избираат пратеници?
На секои пет години, граѓаните од земјите на ЕУ излегуваат на избирачките места за да изберат пратеници на Европскиот парламент.
На секоја земја ѝ е дозволен одреден број пратенички места, речиси пропорционално со бројот на нејзините жители. Најмалата, Малта (број на жители: околу половина милион), има шест претставници во ЕП, додека најголемата, Германија (број на жители: 82 милиона), има 96 европратеници.
Во сегашниот Парламент има 751 пратеник, од кои 73 ја претставуваат Велика Британија.
Кандидатите можат да се кандидираат самостојно или како претставници на една од британските политички партии.
Кога ќе се изберат, тие претставуваат различни региони од земјата, согласно бројот на жители. Североисточниот дел на Англија и Северна Ирска имаат по тројца, додека југоисточниот дел на Англија со Лондон има 18 претставници.
Земјите членки можат да организираат избори за Европскиот парламент согласно националните закони, но мора да се придржуваат кон некои заеднички правила. Европратениците се избираат според пропорционален изборен систем, на пример, партијата која ќе освои една тертина од гласовите, освојува и една третина од пратеничките места.
Излезноста во Велика Британија на изборите за Европарламент е ниска и според стандардите на ЕУ, и по стандардите на другите британски избори.
Последен пат кога се одржани изборите во 2014 година, излезноста во цела Унија била 43 отсто.
Колку чинат изборите?
За последните избори за ЕП во 2014 година, Велика Британија потрошила 109 милиони фунти (126 милиони евра).
Главните трошоци оделе само на гласањето (обезбедување на избирачките места и местата каде што се бројат гласовите), испраќање информации за кандидатите и испраќање гласачки ливчиња по пошта.
Што ќе се случи ако Велика Британија замине?
Кога Велика Британија ќе замине, ЕУ планира да го намали вкупниот број на пратенички места во Парламентот од 751 на 705.
Дваесет и седум британски пратенички места ќе се расподелат на други 14 земји членки кои моментно не се доволно застапени. Останатите места ќе бидат „згаснати“, но подоцна ќе можат да ѝ бидат доделени на секоја нова земја членка која ќе стане членка на Унијата.
ЕУ веќе усвои закон со кој се менува бројот на пратеници и распределба на мандатите, но законот ќе стапи во сила дури кога Велика Британија официјално ќе излезе од ЕУ.
Ако Велика Британија избере пратеници за Европарламентот, а потоа ја напушти ЕУ, британските пратеници нема да ги преземат мандатите, а нивните пратенички места ќе останат празни.