Британскиот премиер Борис Џонсон е „згрозен“ од смртната казна изречена на двајца Британци од страна на проруските сепаратисти во Украина, соопшти денеска Даунинг стрит, наведувајќи дека ќе работи со Киев на нивно ослободување.
Судот во самопрогласената „Доњецка Народна Република“ вчера осуди на смрт двајца Британци – Ајден Еслин и Шон Пинер и Мароканецот Брахим Садун кои се бореле на страната на Украина.
Тие беа фатени во источна Украина и осудени за „делување со цел насилна промена на власта, платеништво и тероризам“.
– Премиерот е згрозен од осудата на овие луѓе, изјави портпаролот на Џонсон нагласувајќи дека Лондон ја поддржува Украина во нејзините напори да ги ослободи.
– Јасно е дека тие служеле во украинските вооружени сили и оти се воени заробеници, додаде тој.
Британската министерка за надворешни работи Лиз Трас претходно изјави дека пресудите против двајца Британци осудени на смрт во источна Украина ја прекршуваат Женевската конвенција.
– Пресудата против нив е грубо кршење на Женевската конвенција, напиша Трас на Твитер по разговорот со украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.
И ОН денеска изразија загриженост поради смртната казна изречена од проруските бунтовници за воените затвореници.
– Според украинската висока команда, сите овие луѓе биле дел од украинските вооружени сили. Доколку е така, тие не треба да се сметаат за платеници, изјави портпаролката на Високиот комесаријат на ОН за човекови права.
Извор: МИА