Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, на својот блог синоќа ја сумираше посетата на Москва, откривајќи дека во одредени моменти разговорите со неговиот домаќин, шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, биле многу напнати и притоа оцени дека таа средбата и некои пораки од руски официјални лица покажале дека Европа и Русија се оддалечуваат.
„Мојата средба со министерот Лавров и пораките испратени од руските власти за време на оваа посета потврдија дека Европа и Русија се оддалечуваат. Се чини, дека Русија постепено се одвојува од Европа и ги гледа демократските вредности како егзистенцијална закана”, напиша Борел на блогот, објавен на веб-страницата на Европската служба за надворешни работи.
Посетата на Москва, на која најави дека ќе разговара за затегнатите односи меѓу ЕУ и Русија,Борел ја оцени како „многу компликувана“.
Тој, исто така, посочи дека во фокусот на посетата и средбата со Лавров биле прашањата за основните човекови права и слободи, особено случајот со рускиот опозициски политичар Алексеј Навални.
„Од време на време, разговорот со мојот руски колега стануваше доста напнат затоа што барав итно и безусловно ослободување на Навални, како и целосна и непристрасна истрага за неговиот обид за атентат“, напиша Борел.
Односите меѓу Русија и ЕУ, оцени тој, во последните неколку години се на многу ниско ниво и дека дополнително се влошиле по неодамнешните настани поврзани со, како што тврди, труењето, апсењето и казнувањето на Навални, како и поврзаните масовни апсења на илјадници на демонстранти.
Борел напиша дека целта на неговата посета била, во името на ЕУ, директно да ги осуди овие настани и да го реши процесот на „брзо влошување“ на односите со Русија, како и да помогне во подготовката за претстојните состаноци на Европскиот совет за односи помеѓу двете страни.
Сепак, тој оцени дека одредени потези на руските власти, како што е протерувањето на тројца дипломати на ЕУ, укажуваат на тоа дека Москва не сака да ја искористи можноста за поконструктивен дијалог со ЕУ.
Борел, исто така, истакна дека побарал од Лавров да ја смени одлуката за протерување на дипломатите, но без успех.