Борел поддржува санкции насочени кон Путин и Лавров

Од:

Шефот на дипломатијата на ЕУ Жозеп Борел изјави дека тој лично го поддржува санкционирањето на претседателот на Русија Владимир Путин и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров поради воената интервенција во Украина.

„Лидерите на ЕУ веќе разговараа за ова, но им ја префрлија топката на министрите да го финализираат договорот. Работев на тоа и мислам дека ако нема изненадувања и забелешки, бидејќи за тоа ни треба консензус, Путин и Лавров ќе бидат на списокот, рече Борел.

Лидерите на ЕУ изутринава се согласија да воведат втора транша мерки наменети за осакатување на руската економија. Министрите за надворешни работи треба да ги потпишат новите санкции денеска попладне, а цел ќе бидат повеќе банки, државни компании и поединци, заедно со клучните сектори на руската економија. Според најавите, Путин и Лавров ќе бидат на тој список.

Пристигнувајќи на вонредниот состанок на Советот на ЕУ, кој денеска треба да го усвои вториот пакет санкции против Русија, Борел нагласи дека мора да се продолжи со санкции за Москва во зависност од „однесувањето на Русија“.

– Се соочуваме со целосна инвазија на земјата од друга држава. Ова не е операција на специјални сили, ова е целосна инвазија со бомбардирање, убивање цивили и конфликт меѓу две војски. Ова е најлошото нешто што се случило во Европа од крајот на Студената војна, рече Борел.

Тој нагласи дека разговарал со бројни меѓународни лидери, вклучително и со претседателот на Кина, барајќи од нив да го искористат своето влијание врз Москва со цел да се почитуваат суверенитетот и интегритетот на „сите, вклучително и Украина“.

Борел додаде дека е важно што ќе кажат меѓународната заедница и ОН за оваа ситуација кога целиот свет е соочен со фактот дека „силна држава сака да изврши воена инвазија на сосед кој не направил ништо против неа“.

– Русија се однесува на начин што ќе ги загрози мирот и стабилноста за нас Европејците и за остатокот од светот. Мора тоа да го осудиме. Ги повикуваме сите во светот да гласаат во ОН и да ја осудат Русија. Доколку не дојде до таква осуда, тоа значи дека владее правото на џунглата и правото на посилниот, а целиот меѓународен систем ќе биде доведен во прашање, објасни Борел.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Франција испраќа амбасадор на инаугурацијата на Путин

Путин: Рускиот БДП би можел да порасне за повеќе од три отсто до крајот на годината

„Волстрит журнал“: Путин не наредил ликвидација на неговиот политички ривал Навални

Џонсон: Путин ќе продолжи да маршира низ Европа, Балканот може да биде следен

Горан Наумовски

Борел: ЕУ почнува да работи на нови санкции против Иран поради напад на Израел

На Путин му беше врачен претседателски сертификат: ЦИК ја потврди неговата победа на изборите