Борел: Не сум расист и колонијалист, но мора да го одбраниме поредокот на ЕУ

Од:

Високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел денеска ги отфрли тврдењата во некои медиуми и социјални мрежи дека изнел „расистички, колонијалистички и ставови за надмоќ на белците“ кога им кажа на студентите по дипломатија на Колеџот во Бриж дека „Европската Унијата е градина“, додека добар дел од остатокот од светот е „џунгла“, од која Европа мора да се брани.

Борел ова го изјави по состанокот на шефовите на дипломатите на ЕУ, објаснувајќи дека неговата порака била дека „Европа и во иднина мора да се ангажира што е можно посилно за да му ја докаже на надворешниот свет предноста на својот поредок на политичка слобода, економски просперитет и социјална компактност, солидарност“, пренесе Бета.

– По Втората светска војна, Европската унија го изгради тој поредок во кој Европејците имаат привилегија, предност да живеат, рече високиот претставник на ЕУ.

А тоа не е случај во многу делови од светот, додаде тој, велејќи дека постои модел на социјална организација сличен на Европа и како пример ги наведе Канада и Австралија.

Борел соопшти дека шефовите на дипломатиите на ЕУ одлучиле да воспостават механизам за обука на 15.000 украински војници во центрите во Унијата и го пренесе ставот дека „главна задача на ЕУ е да и помогне на Украина да се одбрани“.

Високиот европски претставник рече дека „Русија морално и политички ја губи војната“ во Украина.

Тој претходно на состанокот на министрите за одбрана на НАТО исто така рече дека „Путин ја губи војната и воено“ и дека „руската армија ќе биде уништена ако посегне по нуклеарно оружје“, што предизвика критики и во дипломатските кругови на НАТО бидејќи ставот е дека целите и стратегијата на Западот во таа војна не се откриваат.

Борел изјави дека „со голема непријатност“ ги дочекал тврдењата дека е „расист, колонијалист, па дури и неоконзервативен поддржувач на белата надмоќ“.

– Мојата порака до студентите по дипломатија на Колеџот во Бриж беше дека ЕУ мора да се ангажира со земји каде што нема политичка, економска и социјална благосостојба бидејќи не можете да изградите ѕидови доволно високи околу Европа за таа да стане некој остров, изолиран од светот, додаде тој.

– Тоа беше порака против Европа тврдина, рече Борел и додаде дека побарал идните дипломати да бидат ангажирани во светот „за да ги претстават предностите на нашиот поредок заснован на слободи, а кој сега е соочен со конкуренција со други политички модели во светот, како и опасности и закани“.

Тој додаде дека „војната во Украина докажува дека ЕУ се соочува со опасности и закани“.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

ЕУ им нуди на Украинците сопствен договор, постои клучна разлика од тој на Трамп

ЕУ усвои нов пакет-санкции против Русија

Калас: Одржувањето претседателски избори за време на војна не е опција за Украина

Koшта: ЕУ мора да биде вклучена во преговорите со Русија за завршување на војната во Украина

Ројтерс: ЕУ ќе му каже на Израел дека го поддржува враќањето на Палестинците во Појасот Газа

Трамп ги вклучи сите аларми во Европа: Макрон повика на итен состанок на лидерите на ЕУ во Париз