Лидер на бунтовничката џихадистичка организација Боко Харам денеска преку видео снимка изјави дека формирал исламски калифат во градот Гвоза, во државата Борно, во североисточна Нигерија, кој бунтовниците го зазедоа од почетокот на месецот.
– Му благодарам на Алах, кој овозможи победа на нашите браќа во Гвоза и направи од него дел од исламскиот калифат, изјави Абубакар Шекау на снимката, која трае 52 минути.
Тој истакна дека Гвоза повеќе нема никаква врска со Нигерија.
– Со милоста на Алах ние нема да го напуштиме градот. Дојдовме и ќе останеме овде, изјави Шекау, кого САД го прогласија за глобален терорист, а Советот за безбедност на ОН воведе санкции против него.