Лидерот на нигериската исламистичка организација Боко Харам Абубакар Шекау ја презеде одговорноста за бомбашкиот напад врз автобуската станица во Абуџа, во кој загинаа најмалку 75 лица.
– Ние го извршивме нападот во Абуџа, рече Шекау на видео снимка која трае 28 минути.
Со калашњиков на левото рамо, во воена униформа, командантот на бунтовниците говорел на арапски и на хауса јазикот што доминира во северна Нигерија.
Видео пораката е доставена на агенцијата Франс прес, на истиот начин на кој се доставувани претходни снимки на Боко Харам.
Бомбашкиот напад врз автобуската станица Њања, во предградие на Абуџа, беше првиот поголем напад во нигериската престолнина во последните две години.