Исламистичката терористичка група Боко Харам неодамна зазеде шест локални заедници во Нигерија, проширувајќи го своето упориште во оваа земја, изјави денеска за ДПА, Алхаџи Ахмед Матане, секретар на владата на федералната држава Нигер.
Според Матане, нападот на групата Боко Харам врз заедниците во окрузите Широро и Рафи имал влијание врз илјадници жители и некои од нив дури одлучиле да им се приклучат на екстремистите.
Тој кажа дека не е познато колку луѓе се убиени или повредени во нападите и дека милитантите најверојатно се здружиле со локални криминални банди.
Федералната држава Нигер се наоѓа на запад од Нигерија. Боко Харам со години дејствува претежно на североистокот на земјата, а нивното ширење во другите делови на земјата претставува закана за безбедноста на Нигерија.
Боко Харам повеќе од една деценија ја тероризира оваа најнаселена африканска земја.
Групата се бори за формирање на исламска држава. Во тој процес се убиени десетици илјади лица и киднапирани се илјадници деца. Обединетите нации излегоа со податок дека 2,4 милиони лица морале да ги напуштат своите домови заради нападите и малтретирањата на бескрупулозните борци на оваа група .