Четири високи членови на тимот на Трамп тајно разговарале со водечките политички ривали на украинскиот претседател Володимир Зеленски. Според тројца украински пратеници и републикански аналитичар за надворешна политика на САД, клучните помошници на Трамп се сретнале со Јулија Тимошенко, поранешна премиерка, како и со високи членови на партијата на поранешниот претседател Петро Порошенко, пишува Политико.
Во центарот на разговорот беше прашањето дали Украина може брзо да одржи претседателски избори. Според украинскиот устав, изборите беа одложени поради вонредната состојба воведена по почетокот на војната. Критичарите на идејата за избори предупредуваат дека тие би биле хаотични и ќе имаат корист за Русија, имајќи предвид дека голем број потенцијални гласачи се борат на фронтот или живеат во странство како бегалци.
Сојузниците на Трамп се убедени дека Зеленски ќе ги загуби изборите поради заморот од војната и зголеменото јавно незадоволство од широко распространетата корупција. Неговиот рејтинг од анкетата паѓа со години, иако тој малку се опорави по минатонеделниот судир во Овалната соба, кога Доналд Трамп и потпретседателот Џеј Ди Венс вербално го нападнаа и го исфрлија од собата.
Сепак, последните анкети покажуваат дека Зеленски се уште води во трката за претседател. Околу 63 отсто од Украинците ги одобруваат постапките на Володимир Зеленски како претседател, според истражувањето спроведено од проектот „Идентитет и граници: случајот на Украина“ (IBIF) во партнерство со Меѓународниот институт за социологија во Киев (КИИС).
Официјалниот став на американската администрација е дека Трамп не влијае на внатрешната политика на Украина. Оваа недела, американскиот секретар за трговија Хауард Лутник ги отфрли тврдењата дека Трамп „се обидува да ја обликува политиката на Украина“ и додаде дека американскиот претседател „само сака партнер за мир“.
Сепак, постапките на Трамп и неговите функционери велат поинаку. Трамп го обвини Зеленски дека е „диктатор без избори“, додека американскиот директор на националното разузнавање Тулси Габард лажно тврдеше дека Киев „ги откажал изборите“.
Според анкетата на британската агенција Survation, спроведена по конфликтот во Белата куќа, Украинците го сакаат следново за претседател:
Володимир Зеленски – 44%
Валери Залужни – 24%
Петро Порошенко – 10%
Јулија Тимошенко – 5,7%.
Клучен дел од разговорите, кои се водат зад затворени врати, се однесуваат на одржување претседателски избори по постигнување на привремен прекин на огнот, но пред да започнат сериозни мировни преговори. Идејата за предвремени избори силно ја застапува и Кремљ, кој со години се обидува да го отстрани Зеленски.
Тимошенко и Порошенко досега јавно се противеа на изборите пред да завршат борбите, како и градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко. Но, според висок републикански аналитичар за надворешна политика, кој зборуваше за Политико под услов да остане анонимен, „луѓето на Порошенко и Јулија веќе преговараат со кругот на Трамп, обидувајќи се да се прикажат себеси како лидери со кои би било полесно да се работи и кои би се согласиле со работи што Зеленски не сака да ги прифати“.
На прашањето за нејзините наводни разговори со американската администрација и тимот на Трамп, портпаролката на Јулија Тимошенко, Наталија Лисова, одби да коментира, само рече: „Ви благодариме за интересот, но засега нема да коментираме“.
Политико се обрати и до партијата Европска солидарност на Порошенко за да ги праша за можни разговори со претставници на Трамп за изборите. Партијата одговори: „Нашиот став не е да присилиме избори, туку да обезбедиме слободни и фер избори по војната. Но, логично е дека сите контакти вклучуваат презентирање на визијата на претседателот Порошенко и Европската солидарност за начините за завршување на војната со праведен, сеопфатен и траен мир, како и за границите на можни компромиси во преговорите“.
Политико контактирал и со четворица членови на тимот на Трамп кои наводно се вклучени во разговорите, но не добиле одговор.