Битка за „Унион Џек“ на улиците од Белфаст

Од:

Шеста недела по ред, продолжуваат протестите на северноирските унионисти, протестанти, на улиците на Белфаст, повремено „зачинети“ со насилство и со тепачки со локланата полиција и специјалните сили.

Во немирите во понеделникот вечерта, демонстрантите насилно одзедоа два градски автобуси и притоа потешко повредија еден од возачите кој се уште се наоѓа на интензивна нега во болницата во Белфаст. Градското сообраќајно претпријатие демонстративно ги повлече сите возила од улиците, а интервенцијата на полицијата предизвика краткотрајна тепачка со најагресивните демонстранти кои во ваквите ситуации фрлаат камења, тули и „молотови коктели“.

Овие најнови немири се случуваа во реон во кој мнозинството од жителите се католици, па важи за католичка и републиканска зона. Претставник на најголемата партија на републиканците, католици Шин Фејн тврди дека унионистите напаѓале и семејни куќи и домови, фрлајќи шишиња со бензин, но засега нема сознанија за материјална штета врз приватен имот, како и за повредени лица меѓу населението.

Во 42 дневните протести и улични немири досега се повредени преку 100 полицајци, а 120 лица се притворени за повреда на јавениот ред и мир и за улично насилство, додека штетата врз локалниот бизнис се проценува на околу седум милиони фунти.

Демонстрациите почнаа на почетокот од декември, откако Градскиот совет на Белфаст, со мнозинство гласови, одлучи да се ограничи бројот на деновите за истакнување на британското државно знаме („Унион Џек“) на јарболот пред зградата на „градската куќа“ во центарот на северноирскиот главен град. Протестите на унионистите почнаа мирно и тие најчесто и сега се такви, но се почесто милитаните сили од редовите на унионистите, ги користат протестите за пресметка со полицијата во кои силите на редот мора да ги употребат сите средства за да се одбранат и за да ги заштитат градот и луѓето од вандализмот.

Засега нема судирања со припадниците на другата верска заедница, или ако постојат тие се сосема маргинални, но нивните гледања на сегашната ситуација се сосема различни. Приврзениците на Шин Фејн, како и активистите на републиканското движење на католиците сметаат дека нема причина за сегашните немири, затоа што станува збор за, како што тие велат, демократско решение, донесено во институциите на власта. Унионистите меѓутоа сметаат дека станува збор за „опасна одлука“ која директно ја загрозува британската сувереност во покраината. Тие тврдат дека тргањето на „Унион Џек“ е почеток на крајот за британското присуство во Северна Ирска. Најзапените веруваат дека ако се попушти за знамето, следниот чекор ќе биде власта и преземање на контролата врз покраината од страна на републиканците и нејзино приклучување кон Република Ирска.

Обичните луѓе од двете заедници гледаат поумерено на најновите случувања. Тие го осудуваат насилството и честите тепачки со полицијата, оценувајќи дека тоа и носи штета на покраината и на угледот на сите нејзини жители. Меѓу повеќето унионисти во Белфаст, посебно оние кои имаат било каков бизнис, владее уверувањето дека знамето на Велика Британија треба да остане таму каде беше до декември минатата година, затоа што Северна Ирска е дел од Обединетото Кралство. Тие сепак се согласуваат дека доколку немирите продолжат, Белфаст одново може да западне во стагнација или и во криза слична на онаа од седумдесетите години на 20 век.

Тоа време во Велика Британија е познато како „сиви години“ во Северна Ирска, кога во тридецениските меѓуверските судирања, неколку десетици илјади луѓе загинаа, беа убиени, најчесто ликвидирани, или загинати во атентати и терористички акции. Работите ескалираа кога војната на католиците и протестантите во која како „помирувач“ се вклучи и британската армија, се пресели на британската почва, низ тероризмот на ИРА во Лондон. Тој мрачен и за Велика Британија мачен период, заврши со потпишувањето на спогодбата од Стромонт, на Велики Петок во април 1998 година.

Оваа пролет се навршуваат 15 години од тој клучен настан за мирот во покраината и за британско-ирските односи, но веќе неколку години разни дисидентски групи, кои тврдат дека се продолжување на формално распуштената ИРА, се закануваат со враќањето на мрачните времиња. Тие не ги прифаќаат одлуките од Стормонт и заговараат сила за повторното обединување на „зелениот остров“. Овие групи изведоа неколку напади, подметнувајќи бомби, а убија двајца британски војници и еден полицаец, но сепак, нивната сила е оганичена. Овој пат тие немаат никаква политичка поддршка, а ја немаат ниту неопходната поддршка меѓу католичкото население во покраината. На сите им е преку глава од војување, односите меѓу Лондон и Даблин се сосема поинакви, а делувањето на ИРА и во Ирска е ставено надвор од законот. Милитантите се обидуваат да ги покренат своите католици, убедувајќи ги дека Шин Фејн ги издале идеалите за сеирско обединување, како и дека католиците во покраината се уште се граѓани од втор ред.

Унионистите кои со сите другите уживаат во забрзаниот подем на Северна Ирска, благодарејќи на мирот, како и на десетината милијарди фунти префрлени во забрзан развој на запоставената покраина, сега за прв пат покажуваат страв за иднината и од она од што Шин Фејн и нејзниот лидер Џери Адамс никогаш не се откажале. Станува збор за елиминирање на поделабата на Ирска и на дилот што Мајкл Колинс го направи со владата во Лондон, во декември 1921 година, откажувајќи се од шест алстерски провинции, за сметка на окончувањето на британското владеење во Ирска и за ирската независност. Битката за знамето за унионистите затоа сега се прикажува како битка за Алстер и за неговото преживување.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Невремето „Берт“ ја однесе првата жртва во Британија, илјадници без струја во Ирска

Катерина Ѓуровски

Англија ја совлада Ирска

Хеликоптер удри во зграда во ирско село: Има голем број на жртви

Горан Наумовски

Шпанија, Ирска и Норвешка денеска официјално ќе ја признаат Палестина

ВИДЕО: И Шпанија и Ирска објавија признавање на независна палестинска држава

Катерина Ѓуровски

Норвешка и Ирска ќе ја признаат Палестина